Василија Мициќ минатото лето одби неколку понуди за преселба во НБА за да остане во Анадолу Ефес, но српскиот плејмејкер за претстојното лето има поинаков план – разделба од турскиот гигант и преселба од другата страна на Атлантикот. Одличниот плејмејкер веќе ги договорил условите за соработка со Оклахома Сити тандер, клуб со кој ќе потпише двогодишен договор по завршувањето на оваа сезона.
Мициќ беше драфтуван од Филаделфија во 2014 година, но тој никогаш не заигра за аовој клуб и реши да остане во Европа, настапувајќи за Баерн, Црвена Звезда, Тофаш, Жалгирис и Ефес. Оклахома во декември при една размена на играчи со Филаделфија ги доби и правата врз Мициќ, по што челниците на Тандер веднаш стапија во контакт со неговите агенти, почнувајќи преговори за да го доведат Србинот во НБА-лигата.
Договорот на извонредниот плејмејкер со Ефес истекува на крајот од сезонава, па тој ќе може без никаква отштета да се пресели во најсилната лига на светот. Мициќ ќе биде втор Србин во тимот на Оклахома, за кој од сезонава настапува и младиот Алексеј Покушевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА