Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 најправија огромен подвиг ремизирајќи 26-26 против фаворитот Охрид, меч на кој охриѓани имаа пет гола предност, но на крајот се доведоа во ситуација да се спасуваат од пораз. Младите битолчани покажаа карактер, па по минималниот пораз од Пролет во второто коло, овојпат беа ефикасни во нападот во самата завршница, заслужено стигнувајќи до еден бод.
Битолските „фармацевти“ беа подобри на почетокот од првото полувреме поведувајќи со 7-4, но потоа Охрид целосно ја презеде контролата и на одмор замина со водство од 11-14. Избраниците на Раде Стојановиќ на почетокот од второто полувреме поведоа со 11-16, но младите „пелистерци“ потоа влегоа во ритам, почнаа да ја топат предноста на противникот, а во завршните пет минути и ја презедоа контролата над резултатот.
При резултат 23-22 тимот на Еурофарм Пелистер 2 не реализираше пенал, по што до крајот се играше гол за гол. Павле Атанасијевиќ биеше прецизно за водство на домаќините од 26-25 во последната минута, но во самата завршница Мартин Манасков со прекрасен удар од девет метри го спаси Охрид од пораз.
Стефан Талевски со шест и Стоиловски со пет гола беа најефикасни кај Еурофарм Пелистер 2, додека Манасков и Кривокапиќ ги предводеа стрелците кај Охрид со по пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА