Пеп: На „Стемфорд Бриџ“ почнавме да веруваме дека можеме многу оваа сезона

Манчестер Сити се мачеше на почетокот на сезоната. „Граѓаните“ тешко стигнаа до погодок во противничката мрежа, тешко освојуваа бодови, а пресвртот на сезоната беше токму победата над Челси од 3-1 на гостувањето на „Стемфорд Бриџ“ на почетокот на новата година, триумф кој започна серија од 21 бода во низа за составот на Пеп Гвардиола.

Во најавата за полуфиналниот двобој во ФА Купот, токму на овој момент се потсети и тренерот на Манчестер Сити, кој изјави дека од таа победа неговиот тим почнал да верува дека оваа сезона може да освои се.

„Тоа дефинитивно беше пресвртот за нас. Натпреварот во гости против Саутемптон беше вториот најважен натпревар, но тој меч на „Стемфорд Бриџ“ со само 14 играчи на располагање, со сите проблеми со повредите и коронавирсуот, тука почнавме да веруваме дека можеме многу оваа сезона. Понекогаш играчите во тешките моменти ви даваат што повеќе, а токму тоа се случи на „Стемфорд Бриџ. Играчите кои потоа се вратија ни се придружија и тогаш почнавме само да победуваме. Продолживме во тој ритам и затоа сме тука каде што сме“, изјави Гвардиола.

Мечот меѓу Челси и Манчестер Сити кој ќе го одлучи првиот патник во финалето на ФА Купот е со почеток од 18:30 часот.

Се вчитува...