Женската ракометна репрезентација на Македонија е далеку од пласман на СП по денешниот пораз на првиот дуел од двомечот со Романија, со убедливи 33-22. Пристапот на нашите ракометарки беше на високо ниво, желбата за надигрување со фаворитот не изостана, но на крајот сепак пресуди огромната разлика во квалитет меѓу двете селекции, па Романија со голема предност ќе допатува на реваншот во Скопје што е закажан за среда.
Благодарение на солидната игра во одбраната и неколкуте изнудени пенали во нападот добро парифавме во првите десет минути, кога резултатот гласеше минимални 5-4 за противникот. Од тој момент, па во наредните 11 минути Македонија не постигна ниту еден гол, промашивме два пенали преку Ристовска и Ливриниќ, а противникот се одлепи на убедливи осум гола предност 12-4. Серијата на Романија ја прекина Стојковска со гол за 12-5, по што Македонија влезе во ритам, лесно го наоѓаше патот до мрежата на противникот, преполовувајќи ја негативата до крајот на полувремето (15-11).
На почетокот од вториот дел Македонија стигна до „минус три“, а при резултат 17-14 нашите ракометарки не искористија три напади во кои можеа уште повеќе да ја намалат негативата. Казната стигна со нови пет гола во низа за Романија, период во кој не реализиравме уште еден пенал, а домашната селекција премногу лесно стигна до „плус осум“ (22-14). Тајмаутот на селекторот Симовски не помогна премногу, Боризовска даде гол за да ја прекине серијата на Романките, но домашната селекција набрзина стигна и до десет гола предност (29-19), одржувајќи ја се до конечните 33-22.
Сара Ристовска со осум гола беше најефикасна, а по пет погодоци за Македонија постигнаа Јанеска и Стојковска, додека во очајно светло се покажа Елена Ѓорѓиевска, без ниту еден постигнат гол од пет обиди. Најдобри поединки во таборот на Романија беа Неагу со единаесет и Динка со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА