Еурофарм Пелистер и Металург ги оправдаа фаворитските улоги во пресметките против Пролет, односно Работнички, обезбедувајќи пласман на завршниот турнир од Купот на Македонија, каде билети од претходно имаа обезбедено Вардар и Бутел.
„Пелистерци“ лесно славеа на гостувањето во Скопје против Пролет (21-36), кршејќи го отпорот на домаќинот пред крајот на првото полувреме. На одмор се замина со водство на битолчани од 12-20, позитива што гостинскиот тим во вториот дел ја зголеми до конечните „плус петнаесет“. Кукуловски со осум и Мараш со седум гола беа најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер, додека прв стрелец на Пролет при денешниот пораз беше капитенот Ласко Андоновски со шест погодоци.
Скопската пресметка меѓу Работнички и Металург заврши со триумф на гостите од Автокоманда од 28-34. „Металурзите“ одиграа извонредно прво полувреме во кое постигнаа дури 23 гола (12-23), по што Работнички во вториот дел успеа само да го ублажи поразот.
Хорват со осум и Поповиќ и Калуѓеровиќ со по пет погодоци беа најефикасни во таборот на Металург, додека Ончев со девет гола ги предводеше стрелците на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА