Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби на домашен терен од Романија so 20-35 во реваншот од баражот за пласман на СП 2021. Патникот на мундијалот беше решен со оние убедливи „плус единаесет“ за Романките во Букурешт, а слично издание можеше да се проследи и на денешниот реванш во Скопје, на кој „црвено-жолтите“ уште еднаш покажаа дека се предалеку од елитното ниво на женскиот ракомет.
Македонија на самиот почеток од натпреварот благодарение на добрата одбрана набрзина поведе со 3-1, но тоа беше се што избраничките на Симовски успеаја да сторат на овој дуел. Благодарение на крилото Моиса гостинките го свртеа резултатот во своја полза, стигнувајќи до водство што го зголемуваа до самиот крај. На половина од првото полувреме Романија имаше скромни два гола предност (6-8), за слично како и на првиот дуел во Букурешт, во завршницата од полувремето да го скрши отпорот на Македонија и да замине на одмор со убедливи 10-18.
Романскиот селектор во вториот дел ја повлече од игра Кристина Неагу, шанса добија неколку помлади ракометарки, но гостинките се уште умешно го контролираа резултатот зголемувајќи ја предноста. Селекторот Симовски побара тајмааут при првата двоцифрена негатива (14-24), но случувањата на теренот не се променија. Цепелинот Георгиевска – Ливриниќ беше една од ретките светли точки во нашата игра, погодувајќи за намалување на 17-28. Сепак, по тој прекрасен погодок следеше нова серија на романскиот состав, кој на крајот заслужено славеше со убедливи 20-35.
Ѓорѓиевска беше најефикасна во македонската репрезентација со шест гола, пет постигна Ливриниќ, додека Сара Ристовска овој меч го заврши со скромни два погодоци (еден од пенал).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА