Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев со голот број 100 во Серија А засекогаш се запиша во историјата на најсилниот италијански шампионат.
„Гранде Пандев“ е еден од вкупно само 86 фудбалери кои почнувајќи од 1929 година успеале да запишат најмалку 100 гола во историјата на Серија А. Македонскиот репрезентативец сега е во друштво на имиња како Џузепе Меаца, Франческо Тоти, Роберто Баџо, Алесандро Дел Пјеро, Габриел Батистута, Златан Ибрахимовиќ, Лука Тони, Роберто Манчини, Кристијан Виери, Алесандро Алтобели, Андреј Шевченко…
Убедливо недостижен на врвот е Италијанецот Силвио Пиола кој во периодот од 1929 до 1954 година постигнал неверојатни 274 гола во Серија А. Веднаш зад него е легендарниот Франческо Тоти кој единствено во дресот на Рома постигна 250 гола. Славниот Џузепе Меаца има 216 погодоци во Серија А, а Џузепе Сињори и Алесандро Дел Пјеро се со 188 погодоци.
Горан Пандев е еден од само 20 странци кои успеале да се запишат во „Клубот 100“ во најсилната италијанска лига. Со најмногу голови е Швеѓанецот Гунар Нордал со 225 гола, а уште се и Курт Хамрин (Шведска – 190 гола), Габриел Батистута (Аргентина – 184), Луис Винисио (Бразил – 155), Иштван Ниерс (Унгарија – 153), Хернан Креспо (Аргентина – 153), Златан Ибрахимовиќ (Шведска – 147), Јон Хансен (Данска – 139), Андреј Шевченко (Украина – 127), Гонзало Игуаин (Аргентина – 125), Давид Трезеге (Франција – 123), Мауро Икарди (Аргентина – 121), Абел Балбо (Аргентина – 117), Единсон Кавани (Уругвај – 112), Оливер Бироф (Германија – 103), Адријан Муту (Романија – 103), Серџо Клеричи (Бразил – 103), Дрес Мертенс (Белгија – 101) и Марек Хамшик (Словачка – 100).
Од 100 погодоци во Серија А, Пандев, интересно, само еден запишал со удар од белата точка. Еден гол постигна во дресот на Анкона, најмногу 48 за Лацио, потоа пет за Интер, 19 во дресот на Наполи, и со денешните два вкупно 27 за Џенова. Со можност секако, до крајот на сезоната, на листата да ги прескокне Словакот Марек Хамшик и Италијанецот Пјерино Прати кои имаат по 100 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА