Одбојкарките на Јанта волеј – Кисела вода ја освоија шампионската титула за сезоната 2020/21 во Првата македонска лига во женска конкуренција. Во супер-интересната мајсторка од финалната серија тие го совладаа тимот на Вардар жени 2019 на гости со 3:2 (22:25, 26:24, 14:25, 26:24, 15:11).
Во салата „Македонија“ во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во населбата Ченто во Скопје, црвено-црните водеа двапати, но ривалките израмнуваа, а во решавачкиот петти сет не дозволија вардарки да поведат ниту еднаш. Клучно беше тоа што составот на Јанта волеј во тој сегмент не направи ниту една грешка, а на своја страна ја имаше извонредната Украинка Валерија Собол која беше сигурна во одлучувачките моменти.
Клучен момент на мајсторката беше завршницата од вториот сет, кога Вардар жени 2019 не ја искористи предноста од 20:13 во и наместо водство од 2-0 дозволи израмнување со што го врати Јанта волеј во игра за третиот шампионски пехар во клупската историја.
По 2017 и 2019, одбојкарките на Јанта повторно се качија на тронот, па сега имаат четири титули во витрините сметајќи ја и годинашната во купот заработена во финалето во Струмица токму против вардарки. Покрај Собол која блесна со 35 поени идентично како на третиот натпревар во понеделникот, кај Јанта волеј Кисела вода двоцифрени беа и Симона Стојановска со 35 и Сара Серафимова со 12 поени. Бојана Маројевиќ придонесе со 7, Тамара Тасевска и Софија Проковиќ со по 3, а Мила Стевановска со 1 поен. Кај вардарки, Кубанката Ајдачи Агуеро денеска реазизираше 33 поени, Љиља Ковачевиќ и беше одлична поддршка со 19, а по 9 остварија Делчева, замената за Павовска и за Лазаревска на позиција среден блокер, како и Казахстанката Ксенија Курјерова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА