Македонија доби организација на уште едно големо одбојкарско натпреварување откако ЦЕВ ја прифаљти апликацијата на ОФМ за нашата земја да биде домаќин на една од групите на машкото сениорско Европско првенство во 2023.
Добрата вест за одлуката на ЦЕВ да ја прифати апликацијата на ОФМ, на премиерот Зоран Заев и на челниците на македонската одбојка лично им ја соопшти првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација Александар Боричиќ. На денешниот состанок во нашата Влада, претседателот на ЦЕВ го истакна постојаниот ангажман на ОФМ во организација на меѓународни настани, како и резултатите на одбојкарскиот терен во последно време.
„Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Северна Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа“, рече Боричиќ.
Успехот на ОФМ да ја заработи довербата на ЦЕВ и да добие поддршка од Владата значи резултатска постојаност и отвора нови опции за развојот на одбојката кај нас. По двете победи на премиерниот настап на големите турнири, меѓу кои и онаа над континенталниот вицепрвак од 2019 – Словенија, како и пласманот на претстојното Европско првенство во септември годинава, доделената организација на една од групите на Европскиот шампионат во 2023 ќе му овозможи на македонскиот национален состав повторно да биде во елитното друштво.
Добрата вест од ЦЕВ уште повеќе ја крева атмосферата во пресрет на периодот предвиден за машката сениорска репрезентацијата којашто наскоро ќе ги почне подготовките за настапот во Европската сребрена лига. Првиот турнир од неа од 21-23 мај, како и завршниот на 5 и на 6.јуни ќе бидат одржани во салата „Парк“ во Струмица, а тоа ќе биде дополнителна предност во амбициите да се освои златниот медал. Македонските одбојкари потоа ќе тренираат за учеството на Европското првенство во септември, а во меѓувреме ќе ги дознаат противниците во групната фаза и државата каде што ќе настапуваат. Коорганизатори на ЕП 2021 се Полска, Финска, Чешка и Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА