Прволигашката програма продолжува денеска со заостанатиот натпревар од 19. коло во „Јасмин“ каде силите ќе си ги одмерат Еуро Никел и МЗТ Скопје со почеток во 16 часот.
Избраниците на Горан Самарџиев во овој меч влегуваат на крилјата на фантастичната серија од седум победи во низа и ќе бараат заверување на одличната форма во пресрет на Куп натпреварите и дуелите во разигрувањето за титула. На спротивната страна пак МЗТ Скопје доколку сака да се најде на првите три позиции на табелата денеска ќе мора да слави во Кавадарци со повеќе од 12 поени со оглед на тоа што првиот дуел помеѓу овие екипи му припадна на составот на Еуро Никел.
Во фокусот на денешната средба повторно ќе биде борбата под обрачот каде гостинските кошаркари ќе се обидат да го запрат фантастичниот Роберт Рикиќ кој по пристигнувањето во Кавадарци „царува“ во рекетот со дабл-дабл просек од 20.0 поени и 10.8 скока по меч. Покрај тоа ќе биде интересно да видиме и како Еуро Никел ќе успее да се справи со брзата транзиција на МЗТ Скопје.
Предноста на аеродромци во овој меч е во подолгата клупа, како и натпреварувачкиот ритам во кој „сино-белите“ последниот натпревар го одиграа пред само три дена за разлика од кавадарчани кои по двонеделна пауза се враќаат на паркетот. Натпреварите помеѓу две екипи ретко кога разочаруваат па се надеваме дека така ќе биде и денеска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА