Еден Србин си оди, двајца нови доаѓаат во Интер

Интер чекори сигурно кон шампионската титула во Калчо-лигата, но тренерот Конте и директорот Марота паралелно со тоа ги планираат и активностите на пазарот за претстојниот летен преоден рок. Конте приоритет става на одбраната, каде во завршна фаза се преговорите за ангажман на Никола Максимовиќ, српскиот дефанзивец што ќе биде достапен како слободен играч по истекот на договорот со Фиорентина.

Интер планира да ја засили и позицијата лев бек, каде се најавува заминување на Коларов и на Ешли Јанг. Прва желба е Емерсон Палмиери од Челси, испратена е и понуда за едногодишна позајмица, но проблем е што лондонскиот клуб инсистира на дефинитивна продажба, и тоа за сума од 30 милиони евра.

Конте бара и нов напаѓач што би ја засилил конкуренцијата крај Лаутаро Мартинез и Ромелу Лукаку. Алексис Санчез би можел да си замине и да се врати во Јужна Америка, а Интер на негово место го „мерка“ Лука Јовиќ. Србинот не се снајде најдобро во Реал Мадрид, летово ќе се врати назад од позајмицата во Ајнтрахт, но „кралевите“ не сметаат на неговите услуги па повторно ќе се обидат да се ослободат од него.

Што се однесува до средниот ред, за овој дел од тимот се планира заминување на Видал и Весино, а желба на Конте и Марота е да биде доведен Де Паул од Удинезе, кого „фриулијаните“ го имаат проценето на 35 милиони евра.

Се вчитува...