Швајцарските ракометари денеска ќе пристигнат во Скопје, каде утре со почеток во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе излезат на мегдан со Македонија во за нив клучниот меч од квалификациите за ЕП 2022. Македонија без оглед на исходот од овој дуел веќе го обезбеди својот билет за европскиот шампионат, но Швајцарците мораат да слават во Скопје ако сакаат да се пласираат на ЕП како една од најдобрите третопласирани селекции.
Тие одиграа одличен меч против Данска, прокоцкаа предност од „плус три“ во поледните петнаесет минути и на крајот загубија со минимални 29-30. Со тоа, утрешниот дуел со Македонија за нив остана „да се биде или не“, но најдобриот швајцарски ракометар, Анди Шмид е оптимист дека Швајцарците ќе одговорат на предизвикот и ќе слават во Скопје.
„Штета, ја загубивме главата кога беше најважно, правевме почетнички грешки и затоа загубивме. Секој играше сам за себе во последните минути, сакаше да го реши мечот, а може да се победи само ако се игра колективен ракомет. Како и да е, бевме одлични во голем дел од натпреварот. Ако одиграме како против Данска, сигурно ќе ја победиме Македонија, иако ни е јасно дека тоа нема да биде нималку лесно“, изјави Шмид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА