Новиот македонски селектор Драган Бајиќ го загуби првиот меч со Игокеа во полуфиналето од АБА-лигата против шампионот Црвена Звезда, претрпувајќи пораз на премиерниот дуел во Белград со резултат 76-61. Поред мечот на Бајиќ му беше врачено признанието за најдобар тренер во АБА за оваа сезона, но кормилароте на националниот тим вечерва сепак не успеа да го надмудри Радоњиќ во надмудрувањето на клупите на двата тима.
Игокеа играше одлично во првото полувреме, шутот од далечина одлично функционираше, па на одмор замина со минимална предност од 39-42. Сепак, како пресудна се покажа одличната одбрана што Црвена Звезда ја одигра во второто полувреме, со што „црвено-белите“ направија целосен пресврт и стигнаа до заслужена победа. Игокеа постигна 13 поени во третата четвртина (17-13), потоа само шест поени во последните десет минути од мечот, бројки со кои е невозможно да се стигне до изненадување против ривал каков што е актуелниот првак на АБА-лигата.
Џордан Лојд со 21 постигнат поен беше главна фигура во нападот на Црвена Звезда, додека најефикасен кај Игокеа беше Атиќ со 15 поени, единствен со двоцифрен ефект кај гостинскиот состав.
Вториот дуел од оваа полуфинална серија ќе се игра в петок, а домаќин ќе биде тимот на Игокеа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА