Одбојкарската репрезентација на Македонија денеска го одржа првиот собир во Струмица, со што беше означен старт на подготовките за завршницата од Европската сребрена лига, што ќе се одржи токму во нашата земја. Ова е вторпат Македонија да биде домаќин на еден завршен турнир во Европската лига, по 2018 година, а селекторот Матијашевиќ и сите негови избраници се оптимисти дека овојпат ќе се стигне до златото, што ќе биде само мотив повеќе за уште подобро издание на претстојниот европски шампионат.
За разлика од последниот квалификациски циклус, во националниот состав на селекторот Никола Матијашевиќ сега се уште шестмина, вкупно 20 репрезентативци. Тренинзите ќе се одржуваат во салата „Парк“ во Струмица каде што ќе бидат одиграни средбите од првиот турнир во нашата група „А“, како и завршниот турнир на најдобрите четири тима. Фактот што „црвено-жолтите“ се сигурни учесници на него, овозможува да играат без преголем резултатски притисок на шесте натпревари во групната фаза, а со тоа постепено да ја градат потребната форма за последните два меча од Европската сребрена лига 2021. Во групата „Б“ се Хрватска, која го освои златниот медал во 2018 во Скопје, како и селекциите на Унгарија, Австрија и Луксембург.
„Ова ќе биде долг репрезентативен период и задовоство е што ќе го почнеме со учество во Европската сребрена лига во којашто се враќаме по три години. Сакаме да го освоиме првото место, а потоа ќе размислуваме за Европското првенство во септември. Абициите се јасни и верувам дека се остварливи“, убеден е капитенот Никола Ѓорѓиев.
Во текот на подготвителниот период во план се и неколку пријателски натпревари, но се уште се чека потврда на можните противници и на термините. Извесно е дека репрезентацијата ќе биде заедно до седми јуни, а потоа ќе има одмор до почетокот на јули за кога се предвидени подготовките за претстојното Европско првенство, втор за „спартанците“ по она во Љубљана пред две години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА