Манчестер Сити е во финалето на ЛШ, ПСЖ уште ќе сонува за европска круна

Манчестер Сити е првиот финалист во овосезонското издание од Лигата на Шампионите откако „граѓаните“ и во реваншот беа подобри од ПСЖ, триумфирајќи со 2-0. За тимот на Пеп Гвардиола ова ќе биде прво финале во ЛШ во клупската историја, додека ПСЖ не успеа да го повтори ланскиот успех, кога „светците“ стигнаа до големото финале, но таму беа минимално поразени од Баерн Минхен.

Мечот почна со спорна ситуација откако судијата Кујперс досуди пенал за ПСЖ, но истиот беше поништен со ВАР бидејќи Зинченко не играше со рака, туку со рамо во сопствениот шеснаесетникот. Неколку минути подоцна Сити поведе преку Ријад Марез, кој одлично се снајде по одбиената топка по ударот на Де Бруине и ја мести во мрежата на Кејлор Навас. ПСЖ најубавите две шанси на мечот ги пропушти во првото полувреме, Маркињос со глава ја погоди гредата, додека Ди Марија по еден подарок на 25 метри од противничкиот гол биеше крај истрчаниот Едерсон, но неговиот шут заврши сантиметри крај голот на „граѓаните“.

Без повредениот Мбапе нападот на ПСЖ не делуваше така опасно, Икарди одигра потпросечен натпревар, а Нејмар премногу солираше, не успевајќи да остави свој печат на мечот. Сите шанси за камбек исчезнаа кога Марез погоди за 2-0, крунисувајќи го со гол извонредниот контранапад и асистенцијата на младиот Фоден.

„Светците“ ги загубија нервите во финишот, почнаа со брутални стартови, Ди Марија доби директен црвен картон, а уште неколку играчи жолти картони во немоќта во послените минути и фрустрациите поради неуспехот во ова полуфинале.

Се вчитува...