Баскет КАМ се запиша во историјата на финилисти во Купот на Македонија во женска конкуреција откако во полуфиналниот меч против Вардар славеше со 95-59 . Составот од Македонска Каменица текот на натпреварот го назначи од самиот старт во кој по помалку од четири минути игра стигна до двоцифрена предност, а продолжи во истото темпо до самиот крај со што стави крај на куп-доминацијата на „црвено-црните“ од три последователни титули.
Баскет КАМ иницијативата ја превзема од самиот старт на натпреварот кога избраничките на Цветановски го искористија четири минутниот „постот“ на Вардар за да поведат со 12-0. Вардар ги консолидираше своите редови и заигра далеку подобро во нападот и одбраната со што успеа да ја намали негативата, а тројката на Наков на истекот на времето во првата четвртина донесе и едноцифрен заостаток по 10. минути игра (23-15). Одличното темпо на Баскет КАМ не престана тука, составот од Македонска Камерница продолжи со одличната игра на двата дела од теренот и до крајот на првото полувреме стигна до предност од 52-30.
Работите не се променија ниту во вториот дел од натпреварот. Баскет КАМ продолжи да ја диктира играта и да постигнува поени во рекетот на Вардар па и ја зголеми предноста до истекот на 30. минута (74-48), со што последните десет минути од натпреварот беа само формалност во која шанса добија и младите кошаркарки од двата табора.
Прво име во редовите на Баскет КАМ беше Анџелика Митрашиновиќ со 28 поени, 10 скока и 6 асистенции, додека неа ја следеше Драгана Гобелиќ со 24 поени, 11 скока и 5 асистенции. Како двоцифрена со дабл-дабл учинок од 14 поени и 16 скока натпреварот го заврши и Ивана Брајковиќ. Во редовите на Вардар најрасположена беше Славица Наков со 21 поен и 4 асистенции, додека неа ја следеа Пејковска со 14 поени и 5 скока и Подунавац со 13 поени и 8 скока.
Одличната сезоната на Баскет КАМ може да биде закитена со трофеј доколку составот од Македонска Каменица утре слави во финалниот дуел против екипата на Бадел 1862.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА