Андоновски: Со нов тренер до старата цел – Пролет во европските купови

По завршувањето на репрезентативната пауза ракометарите на Пролет се враќаат на обврските во плејофот, каде преку завршните шест битки ќе се борат за излез во ракометна Европа. Прва од овие шест пресметки е домашниот дуел против Еурофарм Пелистер 2 (18 часот, сала „Македонско Сонце“), меч што воедно ќе претставува и деби на клупата на новиот тренер Зоран Кастратовиќ.

Младите „пелистерци“ се покажаа како незгоден ривал што со многу мака беше совладан на првиот меч во Битола, што е јасно предупредување за денешната пресметка.

„На хартија важиме за фаворити, но Пелистер 2 на првиот меч јасно покажа дека станува збор за талентиран состав кој игра максимално мотивирано од првата до последната минута. Свесни сме што треба да направиме, само со максимално залагање во текот на целиот меч може да стигнеме до посакуваната победа“, изјавува капитенот на Пролет, Ласко Андоновски.

Искусниот бек е задоволен од интензитетот на работа на тимот под водство на новиот стратег.

„Доаѓањето на нов тренер секогаш значи и внесување на свежа енергија, но и мотивација кај сите ракометари да го дадат максимумот за да се наметнат за што поголема минутажа. Можам да кажам дека за време на репрезентативната пауза влеговме во силен ритам на тренинзи, се со цел да играме на највисоко ниво на преостанатите натпревари и со новиот стратег да ја оствариме зацртаната цел – Тинекс Пролет да игра во европските купови следната сезона“, истакнува Андоновски.

Се вчитува...