Куп на Македонија: Нова титула во витрините на „најтрофејните“, или испишување нова страница во мак-баскетот

Вчерашните полуфинални дуели во кои силите си ги одмерија Бадел 1862 и Крива Паланка, односно Баскет КАМ и Вардар не донесоа големи изненадувања па паркетот, а фаворитите ја оправдаа својата улога, па денеска се е подготвено за спектакл во финалето на Купот на Македонија во кој од 17 часот ќе се сретнат лидерот на табелата и второпласираниот состав.

„Баделки“ навидум лесно се справија со младиот состав на Крива Паланка, стекнувајќи висока предност уште во првата четвртина па избраничките на Стамески „рутински“ приредија кај на мечот, одржувајќи ја двоцифрената предност во текот на целиот натпревар.

Слично беше и на дуелот помеѓу Баскет КАМ и Вардар во кој со воведната серија од 12-0, составот од Македонска Каменица го назначи текот на средбата, а притоа избраничките на Цветановски не го намалија темпото до самиот крај на мечот, забележувајќи убедлива победа.

Во денешниот пресуден фактор може да биде искуството, кое е во полза на нашиот најтрофеен женски клуб, но на Бадел 1862 воопшто нема да му биде лесно против мотивираниот состав на Баскет КАМ. Овие два тима беа изедначени во меѓусебните дуели оваа сезона, забележувајќи победи на гостински терен, но овој пат силите ќе мораат да ги одмерат на „неутрално тло“ во СРЦ „Кале“.

Финалето на Купот кој од оваа година ќе го носи името „Благоја Георгиевски – Буштур“ ќе биде со директен пренос на МТВ 3.

 

Се вчитува...