Македонскиот фудбал ги брои последните 30 дена до настапот на Европското првенство, прв историски настап за сениорската селекција меѓу најквалитетните на Стариот континент.
Од поодамна селекторот Игор Ангеловски веќе го скрои планот за текот на подготовките на националниот тим, кој првиот собир во Скопје ќе го има на 25. мај. За 1. јуни во Скопје е планиран и предвидениот пријателски натпревар со Словенија, единствениот пред заминувањето за Букурешт, Романија, каде Македонија ќе го одигра првите два натпревари против Австрија (13. јуни) и Украина (17. јуни) на Европскиот шампионат.
Македонската репрезентација во Букурешт се сели од 8. јуни во својата база, каде ќе бидат реализирани финалните пет дена подготовките пред натпреварот со Австријците.
Ангеловски се очекува списокот на репрезентативците кои ќе не претставуваат на ЕВРО 2020 да го објави во текот на следната недела. Во голема мера е веќе познато кои 26 фудбалери ќе бидат дел од националниот тим на ЕП, ако се знае дека македонскиот селектор и претходно отворено истакна дека ќе се потпре на силите кои го носеле товарот на националниот грб низ изминативе неколку години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА