Начинот на плејаут разигрување со нокаут серии наместо со плејаут лига беше тема на сериозни критики на адреса на раководството на КФСМ. За потсетување, Кожув со десет победи во прволигашката конкуренција сега игра серија со Црн Дрим, кој имаше само две победи цела сезона, но стружани со неколку квалитетни засилувања составија солиден тим со кој веќе направија „брејк“ во серијата и се на прагот на обезбедување на опстанок.
Сепак, од куќата на кошарката велат дека ваквиот потег е смислен за да се помогне, а не да се одмогне на клубовите, пред се поради фактот дека со претходните пропозиции секако требаше овие четири клуба кои не се најдоа во плејофот, да испаднат од елитното друштво.
„Се крена многу прашина за нешто во кое федерацијата нема вина. Се зборува дека Кожув ќе испаднел поради нашето правило, а вистината е сосема поинаква – според пропозициите од стартот на сезоната требаше да испаднат четири екипи, што значи дека овие тимови кои сега играат плејаут сите требаше да се преселат во понизок ранг на натпреварување. Ние при промената на системот за плејофот го променивме системот и за плејаут, се со цел два од овие четири клубови да се спасат, да им дадеме шанса да останат во елитата. Кој ќе ја искористи таа шанса, ќе решат нивните меѓусебни дуели“, изјави Генералниот секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски.
Тој потенцира дека клубовите биле свесни за ваквите одлуки на федерацијата уште пред два месеци.
„Ние сите одлуки ги носиме по дискусии со претставниците на клубовите, но проблем е што дел од тие клубови најпрвин не доаѓаат на состаноци, не кажуваат што поддржуваат, дали нешто им пречи, а потоа по секоја донесена одлука потенцираат некој проблем. Конкретно, за промената на системот во плејаутот тимовите беа известени уште пред два месеци, што значи дека точно знаеја што ќе се случува. Последниот рок за трансфери беше 15 април, секој имаше можност и време да реагира. Црн Дрим реши да се засили со неколку искусни играчи, додека Кожув ослободи двајца кошаркари од стартната петорка, со кои речиси сигурно ќе останеше прволигаш. Вината за таквите одлуки на клубовите никако не може да се бара кај федерациите“, истакнува Георгиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА