Ракометарките на Вардар со победа од 31-27 успеаја да го осигураат своето место во финалето од Купот на Македонија во женска конкуренција. Вардарки одиграа одлично прво полувреме, потфрлија на отварањето на второто во кое дозволија враќање на Чаир, но на крајот ја стабилизираа својата игра и приредија рутински крај на мечот.
Неизвесниот натпревар траеше само во воведните минути од средбата (4-4) по кои Вардар со серија од 11-3 стигна до висока предност на полувремето (15-7). Ракометарките на Чаир заигра далеку подобро во продолжението од мечот, во неколку наврати стигнаа и до негатива од четири поени, но „црвено-црните“ ги консолидираа своите редови и не дозволија чаирчанки да се надеваат на целосен пресврт.
Предводнички на Вардар со по четири гола беа Џатевска, Трпевска и Стојановска, додека Чаир го предводеа Николовска, Божиновска и Рахмани со по пет погодоци.
Во финалето од Купот на Македонија, Вардар ќе се сретне со Куманово, кој го доби полуфиналето против Металург со 27-23.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА