Од утре, па во следните три месеци, на шест локации во Скопје во попладневните часови од понеделник до петок, граѓаните ќе имаат можност за вежби на отворено со поддршка на професори и студенти од Факултетот за физичка култура (ФФК).
Оваа акција на Град Скопје, во соработка со ФФК е во насока на подигнување на јавната свест на граѓаните од сите возрасти за потребата и придобивките од физичката активност и да се стимулира поздрав начин на живот.
„Градот Скопје преку професионални тренери ќе им овозможи на граѓаните на Скопје бесплатна физичка активност во текот на попладневните часови, од понеделник до петок. Нашата цел е кај помладите генерации да всадиме навики за физичка активност, а кај постарите генерации да стимулираме еден поинаков и поздрав начин на живеење. Сакам да се заблагодарам на Факултетот за оваа заедничка акција со која ќе овозможиме на Скопје и на скопјани еден поинаков пристап кон физичката култура. Се надевам дека на крајот на јули кога ќе заврши оваа активност ќе може со задоволство да ги констатираме позитивните бројки на граѓани кои ја искористиле оваа можност“ – истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Ленче Алексовска-Величковска посочи дека оваа акција е повеќе од добредојдена, посебно и сега во време на пандемија.
„Сакаме да ја подигнеме свеста за физичка активност кај сите категории деца, адолесценти и возрасни. Посебно во овој период апсолутно е неопходна физичката активност“ – истакна Алексовска-Величковска.
Сите информации за тоа на која локација, какви активности ќе се организираат, граѓаните ќе можат да ги најдат на интернет-страницата на Град Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА