МЗТ Скопје стигна до десеттиот Куп трофеј во својата историја откако во финалето на „Благоја Георгиевски – Буштур“ го совлада Работнички со 77-69. „Сино-белите“ одиграа одличен натпревар во кој максимално ја искористија ширината на својот ростер, беа на ниво во нападот и одбраната со што од првата до последната минута го контролираа мечот, а одолеаја и на налетите на гостите кои во неколку наврати успеаја да запретат на водството на „штрковите“.
МЗТ Скопје го наметна своето темпо на отварањето на натпреварот. „Сино-белите“ најдоа продор во рекетот на Работнички, стигнаа и до лесни поени во транзиција, додека „црвено-белите“ се осврнаа кон шутот за три поени, кој не беше во полза на ценарци на стартот на мечот па аеродромци поведоа со 13-5. Тајмаутот на Мираковски на момент вроди плод, со смената на Младеновиќ на местото на Караџовски Работнички се осврна кон играта „два на два“, но влезот на Бојиќ на паркетот донесе предност во висина за „сино-белите“.
Аеродромци продолжија со добриот проток на топката на спротивната страна преку кој стигнаа до лесни поени па до крајот на првата четвртина стигнаа и до предност од 11 поени (23-12). Работнички заигра подобро во одбраната на низок пост во продолжението од првото полувреме, агресивната одбрана на бековската линија на МЗТ Скопје донесе проблеми во организација на нападот, додека на спротивната страна Аска добро се снајде во рекетот па „црвено-белите“ ја преполовија разликата. До крајот на полувремето аеродромци ги консолидираа своите редови, заигра подобро во нападот и одбраната на „пик“ ситуациите па ја задржаа „комотната“ предност (37-28).
Работнички беше на врвот на својата задача во одбраната на почетокот на второто полувреме, а одигра добро и на спротивниот дел од теренот на кој со шут од далечина ја „скрши“ зонската одбрана на МЗТ Скопје па се приближи на негатива од само четири поени (41-37), но четвртите лични грешки на Питс и Бундовиќ наговестија проблем во редовите на „црвено-белите“. МЗТ Скопје во прав момент фати ритам во шутот за три поени и преку Магдевски и Гравет донесе нова двоцифрена предност. Мираковски одговори со ниска петорка на паркетот кој со шутот за три поени брзо ја стопи предноста на МЗТ Скопје. Аеродромци на спротивната страна не успеаја да ја искористат предноста во висина па по 30. минути игра на семафорот стоеше резултат 55-51.
Работнички продолжи со истиот „репепт“ и на отварањето на втората четвртина, но МЗТ Скопје беше сигурен во одбраната па „сино-белите“ ја зголемија предноста (60-51). Петата лична грешка на Караџовски целосно го смени изгледот за „црвено-белите“, избраниците на Мираковски преку Бундовиќ го заштитија рекетот и најдоа влез во рекетот на МЗТ Скопје. Се чинеше дека аеродромци ќе приредат мирен финиш на мечот по техничката грешка на Питс, кој за Американецот беше и петта на натпреварот, но почетничките грешки во нападот на „штрковите“ кои завршуваа со изгубена топка ги оставија центарци во игра со „минус“ четири (67-63) на три минути до крајот на натпреварот. МЗТ Скопје во вистински моменти ги консолидираше редовите, капитенот Стојановски погоди тројка над човек за зголемување на преднсота, а „сино-белите“ најдоа и решение за Бундовиќ на низок пост. Ефремовски на момент ја врати надежта на Работнички за нови „минус“ четири, но сите дилеми за денешниот победник беа решени по петиот фаул на Хрватот и техничката грешка на Мираковски.
Дамјан Стојановски капитенски го предводеше својот состав со 19 поени и 5 скока, додека него го следеше Бојан Крстевски со 16 поени и 4 скока. Како двоцифрени во „сино-бело“ натпреварот со по 10 поени натпреварот го завршија Хасани Гравет и Феми Олуџоби. Иван Аска беше првото име кај Работнички со дабл-дабл од 20 поени и 12 скока, 13 поени додаде Питс, а еден помалку дополни Мирко Мулалиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА