ДРИБЛИНГ: Вардар – Втора лига, ниту страшно ниту срамно, „Комити“ – Прва лига, белег оставен трајно!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

ФК Вардар од следната сезона, за првпат во историјата, се сели во Втората македонска фудбалска лига. За првпат, само поради онаа срамна фузија со Миравци од пред точно десет години која остана да си ја носи како опашка зад себе, и за која веројатно еден ден мораше да ја плати цената. И ништо страшно, и ништо срамно… Напротив, конечно најтрофејниот македонски клуб да доживее промени во вистинска смисла на зборот кои повторно ќе го вратат кај народот, онаку каде што беше пред да го „киднапираат“ и „однародат“ тајните олигарси изминативе години. Затоа што Вардар повторно мора да биде само Вардар, клубот од и за Скопје, клубот од и за навивачите, клубот симбол на македонската спортска вредност без разлика на резултатите. Затоа што, на крајот на краиштата, промените се случуваат само тогаш кога ќе бидете тоа што навистина сте, не тогаш кога се обидувате да бидете тоа што не сте!

Изминативе денови бев сведок на две опции, од две различни страни, кои опстојуваат како идеи за идно функционирање на Вардар. Првата: клубот преку комплетна организациска трансформација да се концентрира на настапите во Втората лига следната сезона и градејќи нов темел да се врати на местото кое природно му припаѓа; и втората повторно преку нови обиди за фузија Вардар да остане во прволигашкото друштво затоа што „неизбежно му бил потребен на македонскиот фудбал“. Но, категорично е јасно дека Вардар мора да го мине патот низ Втората лига, заради себе и заради бројната армија навивачи. И, никако поинаку! Затоа што нов „лажен Вардар“, од типот на оној од јануари 2014, на македонскиот фудбал воопшто не му е потребен!

А, повеќе од јасно е дека единствениот срам за ситуацијата во која се најдоа „црвено-црните“ го носи Сергеј Самсоненко и неговото раководство. И, никој друг! Кога веќе нема и одговорност за се што се случуваше во клубот последните четири години, останува срамот… Ако и тој воопшто постои!? Исто како што, дали постои срамот, и кај сите оние поранешни играчи и тренери од клубот од „висок ранг“ а кои, на време, уште пред ова фијаско си „киднаа“, а кои тогаш кога имаше паричка се колнеа во „газдата Сергеј кој никому не останал должен“. И, можеби нив не им останал должен, ама на Вардар и тоа како. И тоа доволно зборува кој за што е загрижен: Некој за себе, никој за Вардар!

Затоа, и задоцнети беа сега пролетните жалопојки за прволигашки спас на Вардар. И тоа, да биде уште посмешно, од сите оние кои токму се крстеа во газда Сергеј изминатите години. Задоцнети затоа што за да стигнете на време, потребно е патот да го почнете во невреме! А вардаровото невреме беше таму накаде на крајот на 2017 година кога сите оние „силни вардарци“, кои тогаш беа внатре во клубот, иако многу добро знаеја што се случува, ниту сакаа ниту смееја да го дигнат гласот против големиот газда. Па, пролетва, задоцнето едно најмалку три години, нивниот глас со повик за спас, беше само смешен „глас во пустина…“.

И, интересно е со каква леснотија истите тие изминатиов период повикуваат како „Вардар никогаш не може да биде само приватен клуб, и затоа мора сите да му помогнат“. Наспроти, тогаш кога ЕКИПА осамена, реагирајќи на состојбите во клубот, нагласуваше дека „Вардар е многу повеќе од само приватен клуб“, а добивавме категорични пораки: „ФК Вардар си има сопственик кој ќе прави што сака!“. Е, од тоа правење што сам сака се дојде до ситуација ваква! И сега друг треба да го спасува….!?

„КОМИТИ“ ПОСТАВИЈА НОВ РЕПЕР ЗА НАВИВАЧКА ГРУПА ВО МАКЕДОНИЈА

Ако нешто вардарово исклучиво позитивно никна оваа пролет тоа дефинитивно се „Комитите“. Да бидам искрен, не секогаш сме имале исто мислење со „Комитите“, не секогаш им се допаѓале нашите ставови а не секогаш, пак, и нам ни се допаѓало нивното деструктивно однесување на натпреварите кое не носи добро на спортот и општествените вредности. Но, во најтешките „црвено-црни“ моменти во историјата токму сега „Комитите“ оставија траен позитивен белег, за македонскиот спорт воопшто!

Ако Вардар е многу повеќе од само приватен клуб, тогаш „Комитите“, без сомнение, пролетва покажаа дека се многу повеќе од само навивачка група. Со акцијата за продажба на виртуелни билети за мечот со Пелистер, вардаровите фанови за само еден месец реализираа проект каков, пак, ниту приближно не успеаја оние бројни директори, менаџери и раководители на Самсоненко во изминатите седум години, освен што без контрола трошеа јавни и приватни пари (ако тоа го сметаат за проект!?). И не застанувајќи само на тоа, преку континуирани помагања, единствени го носеа клубот чесно и достојно да го изоди прволигашкиот пат, без предвремено откажување кое би донело дополнителен срам за црвено-црната историја.

И, ако Вардар на терен испадна во Втората лига, дефинитивно „Комитите“ оваа пролет се изборија и останаа Прва лига. И токму тие, на сосема идентичен конструктивен начин согласно реперот за изглед и однесување на навивачка група кој сега го поставија, треба следната сезона да го повлечат својот миленик повторно кон елитата! Затоа што Вардар, без разлика колку и да негира градоначалникот Петре Шилегов, повторно ќе биде на Град Скопје и повторно ќе има темел за да се врати на шампионските патеки!

Се вчитува...