По импресиите од завршницата во Купот на Македонија, завршување на борбата за опстанок и земајќи ги предвид новите прволигаши, вистинско време е да се отвори прашање за една проблематика кој не е во полза на мак-баскетот веќе долги и тешки години. Ова е нешто што најверојатно требало да биде поставено, но и решено години назад, а тоа е еден вид на децентрализација на македонската кошарка со цел вивнување на истата кон успесите од 2011 година.
Не занемарувајќи ја сезоната на МЗТ 2, Ангели и Феникс, нивниот успех се должи на добра и темелна работа, но впeчатокот кој останува е тоа дека од година во година бројот на прволигаши кои доаѓаат надвор од Скопје е се помал, а тоа претставува сериозен долгорочен проблем за интересот за кошарката во целина.
Поранешните кошаркарски центри како Кочани, Струмица, Штип, Велес и Прилеп остануваат занемарени, други како Делчево, Берово и Кичево воопшто не се споменуваат во кошаркарските води, а „изумираат“ и оние во Охрид и Струга. Оваа сезона имаме тимови во женската конкуреција како Баскет Кам и Крива Паланка кои се пример за тоа колку малку е потребно за овој спорт да заживее и донесе подобри денови за нашата кошарка.
Очекувано, финансиите се најголемиот проблем, онаму каде што има пари постои и малку интерес, а во овој поглед треба да одговори федерацијата. Во медиумите претходните денови беа упатени прашања кон „куќата на кошарката“ за тоа дали шампионот на Првата лига ќе добие и парична награда од собраната сума од котизација, нешто што е апсурдно кога нашите најголеми клубови имаат свои извори за финансии, како и најголеми ваучери од државата.
Кога веќе се делат тие пари, доделете ги на они на кои им е најпотребно, доделите ги со цел подобрување на инфраструктурата која не е променета од Југославија. Инвестирајте ги во топли сали, инвестирајте ги во услови, инвестирајте ги во тренери, инвестирајте ги во младите и притоа инвестирајте ги рамномерно, а се тоа ќе се врати.
Навистина радува фактот што имаме клубови како Феникс и МЗТ 2 кои се наметнаа како лидери во „избрусувањето“ на таленти, но добриот тренд не смее да престане тука. На мак-баскетот му е неопходна поделба на региони со еден вид на постојана работа во текот на годината и едно такмичење, а не само селективни тренинзи.
Она што ми остави впечаток при едно интервју беа зборовите на еден ценет и воедно еден од најдобрите тренери во мак-баскетот, кој говорејќи за талентите во Македонија рече: ‘Немаме ние изобилство од талентирани играчи во една генерација па да се осврнеме на општина. Ако има дете од 210 сантиметри во Охрид, или имате леворак играч во Гевгелија, одете – ги гледате, па ако се добри, ги земате, а проблемот е само еден стан’.
Оваа сезона сама по себе е доказ дека имаме талентирани тренери за работа со млади кошаркари и тренери кои го вадат максимумот од својата екипа. Нека не паѓаат сите трошоци на клубовите, однесете ги оние кои што треба, таму каде што треба и дајте им шанса да извадат идни репрезентативци.
За да заживее македонската кошарка потребни се драстични и сериозни промени кои веќе доцнат. Европа напредува, а ние тапкаме во место и истото се одразува на самата репрезентација веќе неколку циклуса. Изминатата недела во мак-баскетот топ тема беше плеј-аут форматот на федерацијата, но кога некој веќе започнува со промени и стои на својот став, мислам дека и треба да продолжи со истите, но овој пат не со избрзан, туку со детален, долгогодишен и рамномерен план. За кого? За иднината!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА