Денешниот ден носи и ново големо дерби во мак-ракометот, Еурофарм Пелистер во 18 часот го пречекува Вардар во пресметка која може да стави дефинитивен епилог на трката за титулата во домашното првенство. „Црвено-црните“ забележаа убедлива победа од 35-27 на првиот меч во Скопје, со што се многу блиску до одбрана на шампионската титула. Реми или победа денеска во Битола ќе значи и потврда на доминацијата, додека во случај на пораз помал од осум гола разлика, „вардарци“ ќе треба да ги добијат преостанатите средби до крајот на сезонава за да се закитат со титулата.
Овие два тима се сретнаа во саботата во големото финале од Купот на Македонија, меч на кој Вардар триумфираше со резултат 26-24, па „црвено-црните“ сега атакуваат на двојна круна во мак-ракометот.
„Пред нас е уште еден меч со Еурофарм Пелистер, сега во првенството во Битола. Секој меч е различен, приказна сама за себе, но ние сакаме да победиме и во Битола“, истакна Тимур Дибиров.
„Пелистерци“ во тоа финале беа ослабени поради неиграњето на Стипе Мандалиниќ, чиј настап денеска исто така е неизвесен. Проблем повеќе за тренерот Бабиќ е што Mараш, кој се повреди во куп-финалето, речиси сигурно ќе го пропушти денешниот меч.
Јасно е дека шансите за сензација се минимални, но битолчани јасно ставија до знаење дека немаат намера предвреме да се предадат.
„Ова е спорт, а во него се случувале и поголеми чуда. Ние ќе излеземе на терен и ќе дадеме се од себе за да славиме со најмалку осум гола разлика, па ќе видиме што ќе се случи на теренот“, порачуваат од редовите на Еурофарм Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА