Одбојкарите во нова мисија: По злато во Европската лига како најава за ЕП 2021

Македонската одбојкарска репрезентација со денешниот дуел (20:00) против Кипар го отвора настапот во групата А  од ЦЕВ Европската сребрена лига за 2021 година, што ќе се одржува во Струмица. Целта е и повеќе јасна, по три одиграни финалиња и исто толку порази, нашите одбојкари се надеваат дека годинава ќе стигнат до златните одличја.

Македонските одбојкари важат за фаворити со оглед дека се единствени во групата со обезбеден пласман на претстојното Европско првенство, квалификациите беа непремостлива пречка за Израел и за Кипар, а Данска ќе биде исклучително мотивирана да оствари позитивен резултат затоа што по подолго време се враќа на терените откако не учествуваше во квалификациите за континенталниот самит. Во денешното прво коло, Израел ќе игра со Данска, а Македонија со Кипар. Нашиот состав е најдоброрангиран, на минатите натпревари оствари победи против репрезентации со реноме како Словенија, Турција и Белорусија, а во составот го има капитенот Никола Ѓорѓиев кој во долг времески период имаше интернационална кариера за почит.

„Ние сме во одлична серија резултати. Ако се сметаат натпреварите на дебитантското европско првенство за нас, во 2019 во групата во Љубљана, како и квалификациите за претстојното во септември, ние имаме пет победи на последните шест меча. Тоа е обврска за нас да играме максимално и во групната фаза од Европската сребрена лига, а потоа на завршниот турнир да дојдеме до златниот медал. Тоа ќе биде одлична најава за Европското првенство 2021“, вели македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев.

Се вчитува...