Зоран Кастратовиќ го прифати предизвикот наречен Тинекс Пролет без премногу простор за маневар, свесен дека мора да добие што повеќе натпревари за да се задржи на третото место и да го одведе скопскиот суперлигаш во ракометна Европа. Искусниот стратег засега беспрекорно си ја врши работата, на првите две средби забележа две победи, со кои уште повеќе се зацврсти на третата позиција на табелата во плејофот.
Тој во разговор за официјалната веб-страница на скопскиот суперлигаш говореше за околностите при преземањето на кормилото, но и за задоволството од досегашниот тек од оваа авантура.
„Тинекс Пролет е клуб со кој сум поврзан со години наназад, во времето кога челниците на оваа екипа раководеа со федерацијата јас бев именуван за селектор на Македонија, долги години се познавам со директорот Огњановски. Исто така, близок пријател сум и со Доктор Тодоровиќ, кој е дел од Тинекс Пролет, така што кога дојде време да се разговара немаше премногу сомнеж ниту на едната ниту на другата страна дека оваа соработка треба да се реализира. Можам да кажам дека се договоривме многу брзо, на задоволство на двете страни“, истакнува Кастратовиќ.
Секој почеток е компликуван, но новиот стратег е презадоволен од она што го виде од своите ракометари, на секојдневните тренинзи во салата „Македонско Сонце“.
„Знаете дека доаѓањето на нов тренер секогаш е тешко, не се знае како ќе реагира екипата, но во мојот случај можам да кажам дека сум презадоволен од односот на буквално сите ракометари. Имавме пауза поради Купот на Македонија што ја искористивме за максимално да се подготвиме за овој финиш на сезоната, играчите даваат се од себе на секој тренинг, напредуваме заедно како тим и тоа е она на што сум особено горд. Имаме беспрекорни услови за работа, кога во салата не си ограничен на тренинг само на 60 или на 90 минути, туку можеш да останеш за да унапредиш некои работи, тоа секако е одлично за секој тренер и за секоја екипа“, вели искусниот стратег.
Последниот меч беше супердраматичен, но Кастратовиќ успеа да го извлече најдоброто од тимот, па со голем пресврт беше совладан Охрид, за џиновски чекор напред кон европските купови.
„Знаевме дека против себе имаме квалитетен тим, што игра дисциплиниран ракомет и што има исти амбиции како и Пролет. И во првото полувреме бевме добри во одбраната, но се мачеавме со реализацијата во позициониот напад, па охриѓани поведоа со три гола. Сепак, успеавме да се вратиме пред се благодарение на беспрекорната одбрана со која раководеше Пецаковски, на клучните одбрани на Петар Ангелов, додека во нападот капитенски одигра Ласко Андоновски, кој ги постигна клучните голови. Од тактички план ја променивме одбранбената зона во 5-1, но пресуден беше карактерот на екипата, особено во клучните моменти од мечот“, задоволен е Зоран Кастратовиќ.
Следен предизвик за Тинекс Пролет е денешниот домашен натпревар против Еурофарм Пелистер, само два дена откако битолчани во големото дерби го совладаа Вардар.
„Јасно е кој е фаворит, но ние сигурно нема да се предадеме. Како тренер би бил презадоволен кога моите ракометари би одиграле на највисоко ниво, сето она што го тренираме, во одбрана, во напад и во транзиција, дури и доколку на крајот не стигнеме до победа. Ме радува што напредуваме на секој нареден тренинг, на секој натпревар и би сакал да продолжиме со такви игри и против квалитетен ривал како што е Еурофарм Пелистер, без оглед на конечниот исход. Секако дека нема да се предадеме, ова е спорт и ќе сториме се за да ја искористиме шансата за изненадување доколку ни се укаже такво нешто“, изјави Кастратовиќ.
Тинекс Пролет има четири бода предност во однос на Металург и Бутел во трката за третото место, но искусниот стручњак јасно става до знаење дека нема да дозволи никакво опуштање.
„Задоволен сум по последниот триумф на Еурофарм над Вардар, бидејќи со него трката за титулата ќе продолжи до последното коло, со што би се избегнале евентуални комбинации во завршницата од сезоната. Ние остануваме блиску до Европа, но исто така не смееме да си дозволиме никакво опуштање. Пред нас се серија тешки натпревари, но јас верувам во мојот тим, ќе повторам – исклучително сум задоволен од покажаниот карактер, пристапот на тренинзите и на средбите, очекувам во ист стил да продолжиме до крајот на сезоната, за да се израдуваме на остварување на зацртаната цел, пласман на Тинекс во ракометна Европа“, порачува за крај Зоран Кастратовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА