Владата на Соединетите Американски Држави ги повика своите граѓани да не патуваат во Јапонија поради загрижувачката состојба со коронавирусот. Сепак, организаторите на Олимписките игри во Токио сметаат дека оваа покана не е насочена против одржувањето на Игрите во „Земјата на изгрејсонцето“.
Организацискиот комитет даде и свое соопштение по повод ваквиот повик, па тие уверуваат дека секоја земја, а вклучително и САД сакаат да бидат одржани Олимписките игри.
„Тука нема лоша намера. Ние веруваме дека САД продолжуваат да ја поддржуваат нашата одлука за одржување на Игрите“, рече Тамахо Марукава, член на организацискиот комитет на игрите.
Покрај Америка, Австралија исто така испрати покана до своите граѓани да не одат во Јапонија. Двете земји во препораката напишаа дека дури и оние кои биле вакцинирани не треба да бидат изложени на ризик.
Остануваат помалку од два месеци до најголемиот светски спортски настан. Организаторите и МОК инсистираат Игрите да се одржат по секоја цена. Од друга страна, јавниот отпор во Јапонија расте. За помалку од два дена, 387 илјади луѓе ја потпишаа иницијативата преку Интернет „Стоп за игрите во Токио“.
Според планот, Олимписките игри треба да се одржат од 23 јули до 8 август годинава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА