Раководството на ПСЖ планира уште пред почетокот на ЕВРО 2020 да осигура два значајни потписи на нови засилувања, и тоа станува збор за играчи кои нема да бидат дел од претстојниот европски шампионат. Бековските позиции беа најпроблематични за „светците“, па директорот Леонардо неслучајно планира да донесе нови играчи и на десната и на левата страна од дефанзивата. Шопингот на ПСЖ ќе се одвива во Милано, со оглед на фактот дека се стартувани преговорите за Ашраф Хакими и за Тео Хернандез.
Хакими имаше извонредна дебитантска сезона во Италија, офанзивниот бек беше меѓу најзаслужните за освоеното скудето, но финансиските проблеми на гигантот од Милано придонесуваат директорот Марота да мора да продаде најмалку една „ѕвезда“. ПСЖ понудил 50 милиони евра, Интер бара над 60 милиони, но добро упатени извори тврдат дека наскоро би можел да биде постигнат целосен договор, по што Хакими би се преселил на „Паркот на принцовите“.
За левата страна веќе е „пикиран“ Тео Хернандез од Милан, за кого првата понуда од 25 милиони евра веќе беше одбиена. Екс-фудбалерот на Реал Мадрид е незаменлив во таборот на „росонерите“, но ПСЖ му нуди двојно поголема плата, а и Милан како и Интер се наоѓа во криза, па доколку добие богата понуда ќе мора да го продаде овој офанзивен бек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА