Македонската репрезентација утре со Словенија од 18 часот на националната арена „Тодор Проески“ го игра првиот пријателски натпревар пред Европското првенство. Селекторот на Словенците, Матјаж Кек вели дека Македонија има силна репрезентација која многумина ќе изненади на ЕВРО 2020.
„Во две различни ситуации сме пред овој натпревар. Македонија игра на ЕП, ние, пак, сме во фаза на создавање тим. Во секој случај мислам дека ќе биде добар натпревар, се познаваме добро, секој играч од нашата репрезентација е мотивиран за овој меч затоа што привилегија е да се игра за својата држава, а тоа е голема чест и обврска. Мора да кажам дека моите симпатии се кон Македонија на ова Европско првенство. Имате одличен тим на кој секој противник треба да внимава. Кој ќе ја потцени Македонија многу ќе згреши“ – истакна Кек на прес-конференцијата во Скопје пред утрешниот дуел.
Сосема еднакво е размислувањето и на фудбалерот на Аталанта, Јосип Иличиќ…
„Да бидам искрен малку сме уморни по напорната сезона, но посакуваме утре да одиграме добар натпревар на кој секако посакуваме и добар резултат. На Европското првенство секако ќе навивам за Македонија, не само што ги привлекува симпатиите на сите туку и затоа што игра модерен фудбал со многу одлични поединци во тимот“ – рече Иличиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА