Македонија повторно пред публика. Македонската фудбалска репрезентација денеска од 18 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе го има првиот тест пред настапот на Европското првенство. Со дозвола на здравствените власти повторно пред навивачи со можност за 30% исполнетост од капацитетот на најголемиот македонски стадион.
„Фудбалот се игра за публика, и да бидам искрен по повеќе од една година имаме позитивна трема. Посакуваме да се наполни стадионот максимум колку е дозволено. Нашите навивачи кои ни даваа поддршка, а не можеа да дојдат на стадион, се надевам дека ќе напраат вистинска атмосфера бидејќи овие дечки тоа го заслужувааат“ – вели македонскиот селектор Игор Ангеловски, кој се очекува денеска да ја тестира првата од неколку тактички варијанти кои се планираат за ЕВРО 2020.
„Изминатите три години Македонија била таа што спарингувала со учесници на големи натпреварувања, но сега ние сме тие кои одиме на првенство, па одбираме и противници за спаринг. Словенија е добар противник со кој игравме во квалификациите и затоа очекувам добар натпревар, прва подготовка за тоа што не очекува на ЕП. Долго сум на оваа позиција, со дечките сме доста време заедно имаме разработено неколку формации, кои зависи од противникот ќе бидат менувани. Од натпревар на натпревар ќе ги одлучуваме и тактичките варијанти. И без разлика дали е пријателски или официјален натпревар, резултатот секогаш е важен“ – дополнува Ангеловски.
На денешниот дуел се очекува да има ротации во составот, со тоа што најавите се дека капитенот Горан Пандев како за старт на подготовките би паузирал на дуелот или со помала минутажа. Од вчера во Скопје, по ангажманите со Рајо Ваљекано, се приклучи и првиот голман Столе Димитриевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА