EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт (Италија), Ел Паис (Шпанија), Ди Цајт (Германија), Спорт-Експрес (Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија), Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија).. Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.
Триото македонски голмани во професионалните фудбалски води се вивна од редовите на Работнички, клубот низ кој минале и најголем број репрезентативци. И тројцата, повеќе од скромни поединци надвор од теренот, а секогаш жестоки пред голот, кои може да ги посака буквално секој тим.
СТОЛЕ ДИМИТРИЕВСКИ
Скромен, најчесто ненаметлив многу надвор од теренот, секогаш смирен и со максимално разбирање за секого. Вака најблиските го опишуваат Столе Димитриевски кој токму така, без многу помпа, без многу себепромоција во јавноста, само со квалитетот си го обезбеди своето стандардно место како прв голман во македонската репрезентација.
Фудбалските почетоци се во младинскиот тим на Македонија ЃП. Но, Работнички, не можејќи да не го забележи, го „грабна“ и го лансираше кон Европа. И покрај тоа што во 2011 година од Работнички, на свои 18 години, потпиша договор со италијански Удинезе, не успеа ниту една минута да биде дел од фудбалот на Апенините затоа што веднаш беше позајмен на шпански Кадиз, а потоа Гранада го откупи од Удинезе.
Преселбите во Шпанија продолжија со потписот за Гимнастик, и конечно за Рајо Ваљекано каде сега е незаменлив под договор до јуни 2022. А во предградието на Мадрид, Столе повторно живее согласно сопствената домашна култура, скромно и без наметнување.
„Се ми се допаѓа во Мадрид, поинаков е од секаде каде сум бил претходно. Се возам најчесто со метро затоа што покомфорно е кога одите во центар, функционира одлично, најдобро средство е за превоз. Навистина ми е убаво тука. Луѓето од Рајо секогаш се со нивниот тим, уживаат кога играте добро и помагаат кога работите не одат како што сакаме, тоа не се случува во секој тим. Таквиот однос мене лично ми ја зголемува самодовербата“ – ќе рече Димитриевски во едно интервју за шпанска „Марка“.
За Димитриевски од минатата година е врзан и еден интересен момент откако доби подарок пиво од најдобриот светски фудбалер Лионел Меси, како еден од 644 голмани на кои Аргентинецот им дал гол. Подарок од Меси доби, а сега на ред е неговиот втор сон – настапот на ЕУРО 2020.
ДАМЈАН ШИШКОВСКИ
Задолжен за позитивниот дух во тимот секогаш и секаде.
„Ако сакате позитивна атмосфера во соблекувалната, тогаш мора да го имате Дамјан Шишковски во тимот“ – ќе рече буквално секој клупски соиграч на Шишковски каде и да настапувал.
Тоа го нагласуваат и помладите во македонската репрезентација, сите оние кои беа со него и во златната генерација од Европското првенство 2017 за фудбалери до 21 година.
Момчето кое потекнува од фудбалската школа на Работнички, немаше среќа да заигра во Белгија и покрај трансферот во Гент. Беше дел од репрезентацијата до 21 година која играше на ЕВРО У-21 во Полска, за да сето тоа му донесе кратка епизода во финските Лахти и РоПС.
Но, од минатата година најде сигурно место во кипарскиот прволигаш Докса каде конечно ги демонстрира сите свои голмански квалитети. Има извонредна сезона зад себе само како најава веројатно и за успешно европско првенство.
РИСТЕ ЈАНКОВ
Уште еден од плејадата одлични голмани на „романтичарите“. И тој е од фудбалската школа на Работнички уште како младински репрезентативец наметнувајќи се сериозна во прволигашката конкуренција на домашната фудбалска сцена.
Изминатиот квалификациски циклус беше незаменлив во младата репрезентација, уживајќи ја комплетната доверба на тренерот Ѓорѓи Јовановски и селекторот Благоја Милевски. Со тоа си заработи и покана за приклучување на најдобрата селекција за Европското првенство 2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА