Во очекување на најголемиот настан за македонскиот фудбал во историјата, првото учество на најдобрата национална репрезентација на Европско првенство, ЕКИПА издвојувајќи ги најзначајните фудбалери, личности и настани од нашата фудбалска историја, се до 11. јуни преку серијал-текстови како најава за тоа што ги очекува Горан Пандев и соиграчите на УЕФА Евро 2020!
=============================================================================================
Фудбалот е многу повеќе од игра. Се поагресивна стопанска гранка, една од најдоходовните во голем број европски земји, најмоќната алка и за промоција на општествените вредности, обединувачка алатка за се што се движи во една држава. Никола Ѓошевски, основачот и генерален менаџер на агенцијата „Спортс менаџмент консалтинг“, пак, од поодамна е многу повеќе над ограничените сфаќања за фудбалот кои некако се уште владеат во Македонија. Токму затоа и не чуди што голем број македонски фудбалери комплетната грижа за своите кариера ја оставиле во рацете на поранешниот македонски репрезентативец, фудбалер на Вардар и Работнички, како и руски Спартак Москва, австриски Салцбург, дански Митјиланд…, кој е и постојан консултант за развој и организација на фудбалскиот менаџмент на неколку македонски клубови.
За Ѓошевски, кој ја води кариерата на четворица репрезентативци од составот за ЕВРО 2020, Елиф Елмас, Иван Тричковски, Стефан Спировски и Марјан Радески, престојното Европско првенство, покрај секако натпреварувачко-резултатски, е и тоа како е значајно уште од неколку аспекти.
„Огромен е успехот со пласманот на Европското првенство земајќи ги во предвид неколку аспекти, колку сме мали во однос на моќните европски земји, реално каков фудбал имаме дома и колку реално се вложува во фудбалската игра кај нас. Кога сето тоа ќе се земе во предвид, ова е навистина огромен успех кој ни го подарија фудбалерите. Секако сите сме горди на тоа, и како лица од фудбалот, но и како навивачи и поранешни фудбалери. Е, колку значи фудбалот видовме изминатиот период кога по пласманот на Европското првенство буквално се во државата се соживеа со овој настан. Самото наше место на ЕВРО 2020 значи огромна промоција за Македонија, промоција секако прво на фудбалот и репрезентативците, но и на самата држава. Затоа што, да бидеме искрени, мала земја сме која некако последната декада пред светот ги ‘презентираше’ единствено политичките проблеми со кои живее. Фудбалот и овој успех буквално го сплоти секој поединец, и тоа е нешто прекрасно да се види“ – вели Ѓошевски, притоа веднаш дополнувајќи:
„Местото меѓу најдобрите на Стариот континент ни донесе и на сите нас кои работиме во фудбалот еден повисок рејтинг во европски рамки, кој и тоа како ни недостасува или ни недостасуваше досега. Сите ние кои работиме во фудбалот надвор од границите на Македонија многу добро знаеме со каков скептицизам секој гледаше на нас, на фудбалот од нашата земја и на фудбалерите кои доаѓаат од тука. Со овој успех, верувајте, сите европски клубови и нивните скаути, ќе гледаат се еден многу поголем респект кон се што фудбалски доаѓа од Македонија. Ефектот од сето ова, секако, допрва и треба да следи. Ништо не доаѓа преку ноќ, но факт е дека сега и тоа како го привлекуваме европското внимание“.
ЦЕНАТА НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ СО СЕКОЈ КВАЛИТЕТЕН НАСТАП НА ЕВРО 2020 ЌЕ РАСТЕ, И ИНТЕРЕСОТ ОД ВОДЕЧКИТЕ ЕВРОПСКИ ЛИГИ
Но, европското внимание во прв план секако го привлекуваат фудбалерите кои се изборија за овој успех. Колку настапот на ЕВРО 2020 ќе значи и раст на цената на трансфер-пазарот за македонските репрезентативци?
„Да. Многу е важно да разграничиме дека ние сме сега само пласирани на ЕП, и тоа кажавме носи свои бенефити. Факт е дека со самиот пласман цената на македонските репрезентативци има раст, затоа што голем број и можеби поквалитетни селекции од нашата не обезбедија место на ЕВРО 2020. Но, сосема друга работа е ако ние постигнеме и резултатски успех на шампионатот. Таа цена, без сомнение, уште повеќе ќе расте. Тоа е веќе огромен плус и за самите репрезентативци. Не е никаква тајна дека игрите на овие првенства носат, во зависност од играта и резултатот, носат огромен раст на цената но и дополнително зголемување на интересот на европските клубови за самиот поединец, затоа што на европските шампионите играат само најдобрите. И едно издание на овој собир, на фудбалер кој би се издвоил со квалитет, дава до знаење дека веќе се работи за екстра-класа играч кој е подготвен да одговори на предизвик и на една англиска Премиерлига, Бундеслига, Шпанија или Италија. Свесни сме дека Европското првенство ќе биде во фокусот буквално на секој кој работи во фудбалот, и не е тајна дека е тоа еден вид саем на најдоброто кое постои во Европа“ – вели најценетиот македонски фудбалски агент.
На сите ни е јасно дека, за разлика од репрезентацијата, пак, домашниот клупски фудбал како да тапка во место. Една од клучните причини за тоа е и незаинтересираноста на домашните стопанственици, со чест на исклучоци, и компании за спонзорство и инвестирање во фудбалот.
„Најголемиот ефект од сето ова треба да биде влезот на домашниот капитал во фудбалската игра. Тоа е централното кое треба некако да го изнудиме сите ние од овој историски пласман на Европското првенство. Фудбалот е навистина скапа ‘играчка’, и без силни и моќни компании во фудбалот ние на долг рок не можеме да очекуваме развој на домашната фудбалска игра. Ова треба да ги разбуди сите компании кај нас, заедно со помош и на државата и на фудбалската федерација, со заеднички сили, сплотени да се искористи моментот и фудбалот да се постави на здрави нозе. Жал ми е што сите разбираат некако колку е моќен фудбалот и како стопанска гранка само после вакви успеси, а не пред тоа кога е најважно да се вложи за да се дојде до успехот. Кај нас некако се е обратно. Прво се сака успех, па за да компании се заинтересираат да влезат со спонзорства и инвестиции во фудбалот. Не. Треба континуирани финансиски инјекции, па да бараме успеси. Затоа и ние одиме малку поспоро напред. Но, ете дојде и тој успех и искрено верувам дека конечно ќе го ставиме фудбалот како приоритет спорт број еден во земјава. Затоа што, секоја чест на останатите спортови, но сега се виде колкаво е во суштина значењето на фудбалската игра“.
КЛУЧОТ ЗА НАШИОТ УСПЕХ Е ПОБЕДНИЧКИОТ МЕНТАЛИТЕТ НА ПОГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ
Што, од фудбалски аспект, беше клучното за обезбедениот наш пласман на ЕВРО 2020?
„Да бидам искрен изминатите две-три години играме добар фудбал, дури и кога сме губеле натпревари. Но, мислам дека клучното во оваа генерација е победничкиот менталитет. Се работи за спој на квалитетни фудбалери кои се победници по карактер, комбинација на искуство и младост, за кои победите се единствениот императив. Ако на тоа се дополни атмосферата во тимот меѓу самите фудбалери, ете го клучот за успехот“.
Како вашите пулени, Елмас, Тричковски, Спировски, Радески… го доживуваат настапот на собирот на најдобрите на европскиот континент?
„Верувајте со огромно нетрпение сите очекуваат првенството конечно да почне. И очекувано. Носат огромен мотив, како и сите други репрезентативци, желба за ново докажување. Возбудени и желни уште еднаш пред Европа да покажат колку фудбалски вредиме“.
И, што би можеле да очекуваме резултатски од Европското првенство?
„Според мене, голем успех би било ако се мине групната фаза, нешто кое како цел го наметна селекторот Ангеловски. Ако се погледне како играме мислам дека е сето тоа можно, иако факт е дека нема воопшто да биде лесно. Треба малку и некои фактори да се поклопат, да се избегнат повреди и отсуства затоа што реално нашиот костур е од 13-14 фудбалери кои може да одговорат на највисоко ниво на овој предизвик. Мислам дека многу ќе ни недостасува Илија Несторовски, затоа што заедно со Пандев, во една формација 3-5-2, одлично функционираа во нападот. Секако, сите очекуваме и се надеваме Енис Барди, да го надмине коронавирусот, и да биде подготвен за настап. Во секој случај, знам дека и сите во репрезентацијата се свесни дека нема што да загубиме од овој настап на Европското првенство. Македонија секако ќе биде победник!“ – завршува Никола Ѓошевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА