EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт (Италија), ЕлПаис (Шпанија), Ди Цајт (Германија), Спорт-Експрес (Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија), Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија)….. Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.
===============================================================================
„Ако не постоеше, ќе мораше да биде измислен“. Вака македонските репрезентативци го опишуваат најпозитивниот лик во националниот тим. Езгјан Алиоски – Џани засекогаш ќе остане запаметен како првиот македонски фудбалер кој успеал да остави неизбришива трага во Премиерлигата, во дресот на Лидс. Успеа да го доживее својот сон со настапот во една од најсилните светски лиги, Премиерлигата во Англија.
А, само пред шест години дури размислуваше и да се откаже од фудбалот.
Роден во Прилеп, неговото семејство од негови најмлади години се преселува во Швајцарија каде фудбалски расте во школата на Јанг Бојс. По трансферот во Шафхаузен и две успешни сезони, една цела година минува во неизвесност околу својата кариера. Откако неколку месеци во 2016 година останува без клуб размислува и да прекине со фудбалот.
СЕМЕЈСТВОТО СО НЕГО ВО НАЈТЕШКИТЕ МОМЕНТИ – КОГА САКАШЕ ДА СЕ ОТКАЖЕ НАЈБЛИСКИТЕ И ЗДЕНЕК ЗЕМАН ГО ВРАТИЈА ВО ЖИВОТ
Но, најзаслужниот за да не се откаже од фудбалот е чешкиот тренер Зденек Земан кој во јануари 2016 година го носи во Лугано. И од позиција лев бек, го прераспределува во нападот. Џани се препородува. Во првите десет натпревари за новиот клуб постигнува седум гола а на 19. aприл 2017 постигнува и хет-трик во победата на Лугано над Сион.
„Два месеци бев без клуб. Во такви моменти почнувате да се прашувате дали ќе ви се исполнат соништата од детството. Немате клуб, немате каде да тренирате. За среќа, тука е семејството. Родителите ми беа најголема поддршка, никогаш не побараа од мене да почнам да барам друга работа. Напротив, ми рекоа да продолжам да си го следам сонот. И не се откажав, туку продолжив да сонувам еден ден да заиграм во мојата најпосакувана лига, Премиерлигата во Англија. И сега ете сум во Лидс во Премиерлигата. Го живеам мојот сон, благодарение и на поддршката од моите родители. Токму поради тоа сакам и да им помогам финансиски, но тие не сакаат ни да чујат да земат пари од својот син. Затоа, веднаш по трансферот во Лидс им купив прекрасен автомобил, ако можам барем малку да им искажам благодарност за се што направија за мене во животот“ – се потсетува Алиоски на дел од најзначајните моменти во својата кариера.
За Џани, англиски Лидс е најсреќниот момент во неговиот живот. Како што постојано нагласува, за него е огромна чест да биде на Островот и да работи со еден од најголемите фудбалски мозоци на денешницата, Марсело Биелса.
Но, по истекот на договорот ова лето неизвесно е дали ќе остане во Лидс. Навивачите на англискиот клуб категорично бараат од клубот како знае да го задржи момчето кое и со својот позитивен дух, покрај беспрекорноста на терен, има огромно влијание за успешните резултати на тимот.
А, од колкава значење е, пак, неговото присуство за македонската репрезентација повеќе од доволен показател се двата пријателски натпревари против Словенија и Казахстан пред ЕВРО 2020. Еден од најдобрите на терен отворено демонстрираше дека и тоа како со нетрпение го очекува Европското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА