Момчето кое беше мета и на Челси, сега преку Мајорка до ЕВРО 2020!

EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт (Италија), Ел Паис (Шпанија), Ди Цајт (Германија), Спорт-Експрес (Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија), Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија)….. Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.

===============================================================================

Александар Трајковски

Мајорка (Шпанија) 05.09.1992

Александар Трајковски најдобриот дел од професионалната кариера го мина во дресот на италијанскиот Палермо од 2015 до 2019 година. Но, ако го прашате онака за најубавиот емотивен момент откако знае за фудбалот, без размислување ќе ви каже дека тоа се деновите кога настапи на младинскиот Куп во Амстердам во дресот на Челси.

Во 2010 година на негови 18 години пристигна покана да биде дел од тимот до 19 години на лондонски Челси. Сепак, тогаш тинејџерот Трајковски, мислел дека е тоа некоја шега и воопшто не размислувал за поканата.

„Не сакав да одам затоа што не ми се веруваше. Но, потоа менаџерот дојде лично кај мене дома и почна да ме пакува затоа што ќе задоцниме на летот за Лондон. Не ми се веруваше. Тоа е искуство што го паметам цел живот. Прекрасно се чувствував и затоа што таа 2010 година токму Челси го освои трофејот на Купот во Амстердам, а јас постигнав и два гола на Купот, од кои еден во финалето“ – се потсетува Трајковски.

После тоа не следеше, сепак, кариера на Островот, но запишува богато европски искуство од него. Од Цементарница 55 се сели во хрватски Интер Запрешиќ, од каде, пак, продолжува во белгиските Цулте Варегем и Мехелен. Па, во 2015 година следи супер-трансфер во Палермо каде во 104 официјални натпревари постигнува и 16 погодоци. Од 2019 година се сели во шпанска Мајорка.

Стефан Спировски

АЕК Ларнака (Кипар) 23.09.1990

Стефан Спировски е дете на фудбалската школа на Пелистер, од каде преку Борац Чачак, Работнички и Берое, во 2015 година завршува во Вардар.

По одличните две сезони во редовите на најтрофејниот македонски клуб Вардар, во 2017 година заминува во Ференцварош. И тоа на инсистирање на легендарниот германски стручњак Томас Дол, кој од 2013 е тренер на унгарскиот тим.

„Имав неколку различни понуди тогаш за продолжување на кариерата. Но кога ќе ве посака поранешен тренер на Хамбургер и на Борусија Дортмунд, и легендарен репрезентативец на Германија, тогаш не размислувате многу. И да бидам искрен, на секој тренинг и натпревар учев нешто ново од него. Многу работи научив и за животот. Дол е едно неверојатно искуство“ – ќе рече Спировски.

Многу брзо по заминувањето на Дол од кормилото на Ференцварош и Спировски замина од клубот, селејќи се во Израел, во редовите на Хапоел Тел Авив, но по само една сезона реализира нов трансфер во кипарска АЕЛ Ларнака.

Даниел Аврамовски

Кајсериспор (Турција) 20.02.1995

Членот на златната генерација која се пласираше на ЕВРО У-21 во 2017 сега е дел и од сениорскиот тим на Македонија за ЕВРО 2020. А, во 2014 година тогашниот тренер на белградска Црвена Звезда, Ненад Лалатовиќ му предвидуваше брз крај на кариерата поради бројни повреди кои ги има.

„Аврамовски е запуштен како играч од времето кога тренирал во Македонија, во редовите на Работнички. Неговите постојани повреди се поради тоа што има расипани заби, и затоа не знам дали уште долго може да издржи во професионалниот фудбал“ – изјави тогаш Лалатовиќ за српските медиуми.

Но, потоа Аврамовски имаше повеќе од одлична кариера играјќи и за Олимпија Љубљана, Војводина, Вардар, а сега и за турскиот Кајсериспор. На крајот ете го и на за себе вториот настап на европско првенство, на историското деби за сениорската репрезентација на евро-шампионатите.

„Очигледно ништо од тоа не било проблем“ – ќе рече низ смеа денеска Аврамовски.

Тихомир Костадинов

Ружомберок (Словачка) 04.03.1996

Дури 11 фудбалери од репрезентацијата на Македонија до 21 година, која запиша историски пласман на своето прво Европско првенство, во 2017 во Полска, сега се дел од А-тимот за настап на ЕВРО 2020. Меѓу нив и Тихомир Костадинов, кој својата фудбалска големина ја достигна со настапите во словачките клубови Дукла, Злате Моравче и Ружомберок.

Во Македонија единствено кратко настапуваше за Тетекс пред да продолжи во Словачка од каде, всушност, се наметна кај Благоја Милевски во младата репрезентација, а сега и во сениорскиот тим.

Ферхан Хасани

Партизани Тирана (Албанија) 18. 06. 1990

Ферхан Хасани е најголемото изненадување на списокот на Игор Ангеловски ако се знае дека е далеку од формата во која играше во Волфсбург, Брондби или Шкендија пред де сезони.

Изминатава сезона одигра вкупно само 200 минути за албанскиот Партизани Тирана, без постигнат гол, поради што голем број домашни фудбалски аналитичари не очекуваа дека ќе има место на ЕВРО 2020. Но, само поради минатиот труд во националниот тим, ја доби довербата на Игор Ангеловски иако и не се очекува да има поголема минутажа на европскиот шампионат.

 

 

Марјан Радески

Ак. Пандев (Македонија) 10.02.1995

Радески е дел од составот за Европското првенство заедно со својот газда. Добро е познато дека е член на Академија Пандев, клубот во сопственост на капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев.

Откако импресионираше во дресовите на Металург и Шкендија во периодот од 2012 до 2020 година, Академија Пандев го откупи од тетовци.

Тој е уште еден од златната генерација млади македонски фудбалери кои во 2017 година играа на Европското првенство до 21 година во Полска.

Се вчитува...