Горан Пандев се подготвува да ја предводи Македонија на едно големо натпреварување, а македонскиот капитен во меѓувреме е вбројуван во се повеќе категории меѓу фудбалските „ѕвезди“ кои ќе блескаат на ЕВРО 2020. Така, денеска беше објавена листата на најдобри репрезентативни стрелци на играчите кои ќе бидат дел од европскиот шампионат, Топ 10 рангирање во кое се најде и Пандев, освојувајќи ја седмата позиција.
Пандев досега има одиграно 119 натпревари за Македонија, на кои 37 пати ја има затресено противничката мрежа. Тој има можност во Букурешт и Амстердам уште повеќе да ја подобри оваа бројка и да остане на листата пред Кристијан Ериксен и Антоан Гризман, кои имаат постигнато по 36 гола за Данска, односно Франција. Ериксен има одиграно 107 средби за данскиот национален тим, Гризман досега настапил на 90 меча за Франција, а двете големи фудбалски „ѕвезди“ имаат по гол помалку од Пандев во своите репрезентативни кариери.
Десеттото место на оваа ранг-листа му припаѓа на Хари Кејн, кој досега има постигнато 33 гола на 54 одиграни средби за англискиот национален тим.
Пред Пандев, со само еден гол повеќе од Македонецот се наоѓаат Томас Милер, кој има 38 погодоци на 101 меч за Германија и Андреј Јармоленко, со 38 гола на 93 средби во дресот на Украина.
На врвот на оваа ранг-листа убедливо прв е Кристијано Роналдо, кој досега бил стрелец на 103 погодоци на 174-те натпревари за португалската репрезентација. торото место му припаѓа на Роберт Левандовски (66 гола на 118 меча), пред Ромелу Лукаку (59 гола на 92 средби) и Оливие Жиру (44 гола на 107 натпревари за Франција).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА