Селекторот на репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски, на ден пред заминувањето за Букурешт каде националниот тим ќе ги реализира финалните подгоовки пред натпреварот со Австрија (13. јуни), вели дека неговите фудбалери се подготвени за претстојното Европско првенство на кое успеаја да се пласираат за првпат.
Популарниот Мрме потенцира дека се направени сите анализи за претстојните противници, нагласувајќи дека фудбалерите на Македонија не стравуваат од ниту една репрезентација.
„Анализирани се сите противници, ништо не може да се скрие во денешно време. Фокусирани сме на теренот, не се плашиме од никого. Покажавме дека можеме да се носиме со најсилните. Убеден сум дека ќе постигнеме позитивен резултат“, рече Ангеловски.
Енис Барди поголемиот дел од подготовките во Скопје ги мина во самоизолација откако беше позитивен на коронавирус, но сега е добро, па селекторот ги има на располагање сите играчи.
„Подготвеноста е на максимално ниво, со нетрпение го очекуваме натпреварот со Австрија. Како личност, поставувам високи цели. Верувам во овие фудбалери, верувам дека можеме да ја поминеме групата. Би сакал да бидеме изненадување. Сите не сметаат за аутсајдери, но нема проблем, тоа само дополнително ќе не мотивира, а тогаш сме најопасни“, вели Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА