ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – Никола Ѓоргиев: Горд сум што сум капитен на најдобрата репрезентација во историјата на мак-одбојката

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобриот македонски одбојкар, Никола Ѓоргиев отворено за ЕКИПА.МК говори за големите успеси на одбојкарската репрезентација. Говоревме за очекувањата од Европското првенство на кое Македонија повторно обезбеди учество.  

Со Ѓоргиев разговаравме и за неговата клупска кариера и успесите кои ги имаше во првенствата ширум Европа, но и во Азија во јапонскиот шампионат. Тој вели дека често  соиграчите од репрезентацијата се шегуваат со него дека нема освоено титула во Македонија бидејќи уште како многу млад замина во странство. 

Негова најголема поддршка е сопругата Дани, со која ја имаат ќерката Марија, а во текот на интервјуто тој ја доби информацијата дека плод на нивната љубов е и втората ќеркичка Викторија која дојде на овој свет. Тој додава дека Марија сака да се дружи само со тато и кога е слободен целото време го поминува со неа. 

==========================================================================================================================

Лидер сте на репрезентацијата која ги носи најсјајните денови во историјата на македонската одбојка. Што претставува за вас капитенската улога во најдобриот тим на Македонија во историјата и дали имате дополнителен притисок поради веќе се поголемите очекувања на македонската јавност?

За мене капитентската лента претставува гордост. Горд сум за тоа што сум капитен на репрезентацијата на Македонија. Горд сум што сум предводник на оваа генерација на која сум капитен веќе десет години ги прави најголемите успеси во историјата на македонската репрезентативна одбојка. Пресреќен сум бидејќи никој од нас не размислува ниту на момент да застане овде и да се откаже и да каже доволно е го достигнавме зенитот. Сите ние размислуваме да бидеме што е можно подобри на секое следно првенство. Имам притисок нема да лажам дека немам. Сто пати сум рекол дека кога играм за репрезентацијата и победата ми значи многу повеќе, но и поразот ме боли многу повеќе. Јас како капитен се знае дека секогаш треба да ги мотивирам момците. Секогаш треба да бидам првиот што ќе излезе за бој. Тоа е тој позитивен притисок кој јас го сакам. Работам со феноменални момци. Пред се добри луѓе, а подоцна и феноменални играчи. И многу е полесно да се биде капитен на вакви прекрасни луѓе и добри играчи. Заедно формираме една целина која што се надевам дека уште повеќе и повеќе ќе ги радува македонските гледачи и ќе испишува нови и нови страници на македонската одбојка. Иако не успеавме овој пат во Европската лига ние продолжуваме понатаму.

НА СЕКОЈ МЕЧ НА ЕП ЌЕ СЕ БОРИМЕ ЗА ПОБЕДА!

На Еврошампионатот ќе бидете во група со Русија, Холандија, Финска, Турција и Шпанија. Ваши очекувања и предвидувања и дали Македонија може за првпат да обезбеди пласман меѓу шеснаесетте најдобри во Европа?

Нашиот сон ќе биде пласман меѓу шеснаесетте. Нема да размислуваме на ништо помалку од тоа. Меѓутоа групата колку е лесна, толку е и тешка. Бидејќи ако ги прашате и другите репрезентациии сите размислуваат дека Македонија е аутсајдер и веќе ги имаат запишано бодовоите против нас. Меѓутоа не размислуваме за другите туку само за нас. Групата по мене Русија е прв фаворит и тие лесно ќе бидат први. Другите репрезентации според мене се ниво повисоко или пониско од нас. Мислам дека ние на секој натпревар можеме да се бориме за победа, но и од сите можеме да изгубиме. Се ќе зависи од тоа пред се да бидеме здрави и живи, коронавирусот да биде тотално зад нас. Да немаме повреди на подготвителниот период и само живи здрави сложни храбри да излеземе во Тампере, Финска и да играме одбојка. Да си играме одбојка, а кога тоа го правиме ние сме на 150 посто од нашите можности и се е можно. Сонуваме за втора фаза и ќе се бориме за неа. Сакаме да направиме чекор повеќе и се надевам и верувам дека ќе успееме да го направиме тоа.

НА ПРВИОТ МЕЧ ЗА МАКЕДОНИЈА ИМАВ ТОЛКУ АДРЕНАЛИН ШТО ТОПКАТА ПРИ СЕКОЈ УДАР ЈА КАЧУВАВ НА КРОВ ВО „КАЛЕ“

Да се навратиме на првиот настап на Македонија на големите натпреварувања. Какво беше чувството и што прво помисливте при интонирањето на химната на дебитантскиот натпревар на големите шампионати?

Првиот настап беше на 03.06 2005 против Австрија и стотиот настап го имав на 03.06.2018 година. Поминаа 16 години од тогаш. Се уште немав наполнето 17 години тогаш. На првиот натпревар имав толку адреналин што на загревање успеав да ја качам топката на таванот на сала Кале. Секој смеч ми беше горе, но сега да ми го кажете тоа нема да можам сега да го направам. При интонирањето на химната бев пресреќен. Бев горд дека успеав еден детски сон да остварам. Со слушањето на химната се раѓаат нови и нови сонови. Нови натпревари и нови битки излегуваат секој пат кога ќе ја чујам химната. Нови натпревари излегуваа во мојата глава и нови битки кои морав да ги добијам за да ја кренам Македонија на нивото на кое што е сега и се надевам дека ќе одиме уште повисоко во иднина.

СЛОЖНО УСПЕАВМЕ ДА ИЗДРЖИМЕ ТЕЖОК ПЕРИОД!

Бевте дел од репрезентацијата и во периодот кога беше навистина тешко да си одбојкар во Македонија. Го добивте прекарот „Спартанци“ поради истрајноста и непоколебливоста и покрај сите проблеми кои ги имавте и долги патувања. Колку тој период влијаеше на вас пред се како личност и дали тоа на еден начин ви помогна во кариерата?

Тоа беше еден тежок период во кој што му благодарам на Бог на што сум посебно среќен и горд што сите издржавме. Издржавме заедно и сложно без ниту една кавга без ниту еден проблем. Затоа секогаш кажувам дека да се биде капитен на едни вакви момци претставува гордост и е многу лесно да се работи со нив. Мене како личност не ми влијаеше многу. Јас знаев по кој пат сакам да одам, знаев по кој пат сакам да продолжам. Знаев дека еден успех на Македонија, едно Европско првенство ќе се смени. Ќе не гледаат со други очи и сето тоа ќе се смени. Тие тешки времиња ќе поминат, што се покажа дека точно сум размислувал, бидејќи со пласирањето на Европското првенство и успехот, проблемите за македонската репрезентативна одбојка се поминати. И веќе го живееме сонот, односно веќе сме репрезентација на рангот на светските и по организација и по услови и се надевам дека набрзо ќе го стигнеме квалитетот на првите 10-15 репрезентации во Европа и во светот.

Одбојкарската репрезентација веќе е дел од елитата во Европа, но на клупски план се уште заостануваме. Ваше мислење што треба да се направи за да се подобри тоа и дали во Македонија има млади деца кои еден ден ќе можат да ја наследат вашата генерација?

Мислев дека по нашата генерација ќе има мала дупка во репрезентацијата. Но, сега гледам дека има млади момци кои одлично напредуваат и одлично играат за нивната возраст. Со голема чест можам да кажам дека се надѕира костурот на репрезентацијата кога ние постарите ќе ја завршиме кариерата. Пресреќен сум и се надевам дека тие момци ќе ги наследат нашите успеси бидејќи имаат квалитет. Клупската одлука малку ни заостанува, но мислам дека со кревањето на репрезентативната одбојка ќе се најдат спонзори кои ќе инврестираат во клупска одбојка. Ќе ги вратат сите репрезентативци меѓу кои и јас и да направиме неколку добри клуба. Па затоа се надевам дека кога тоа ќе го направиме успехот на европска сцена нема да изостане. Се надевам дека ќе има добри спонзори како што прават во другите земји. Нормално тоа не може да се направи преку ноќ, но мислам дека треба да растеме од година во година и да одиме напред.

ЕВРОПСКАТА И АЗИЈСКАТА ОДБОЈКА ДОСТА СЕ РАЗЛИКУВААТ

Бевте дел од најсилните лиги во Европа, а настапувавте и во Јапонија. Колкава е заинтересираноста за одбојката на азискиот континент и ако може да направите мала споредба меѓу одбојката во Европа и Азија?

Среќен сум бидејќи имав шанса да играм во Јапонија и во Европа, во најсилните светски лиги и да играм против најдобрите светски играчи. Европската и азиската одбојка доста се разликуваат. Заинтересираноста за одбојката во Јапонија не е премногу голема, но сакаат одбојка. Салите се нон-стоп полни и имаат по 4, 5 или 7 илјади гледачи. Кога игравме финале имаше и 10 илјади гледачи во салата. Разликата меѓу европската и ете јапонската одбојка е тоа што Јапоницте се малку пониски и имаат послаб блок. Затоа мора да играат многу повеќе одбрана. Таму одбраната е на едно ненормално ниво, се граничи со некои лимити што ние во Европа не можеме да ги замислиме. Блокот во Европа е многу повисок. Играчите се физички посилни и многу повисоко скокаат. Тоа е најголемата разлика. Исто така разликата е што во Јапонија играчите никогаш не се предаваат. Таму најмногу се жртвуваат одат по секоја топка, па макар таа одела и на трибини.

На клупски план со многу успех ја завршивте сезоната во турскиот шампионат. Планови за иднината, дали останувате во Турција или ве очекува некој нов трансфер?

Имав прекрасна сезона во Турција. Успеавме да го дигнеме тимот на повисоко ниво. За малку ни побегна тоа место во Европа што ќе беше историја за мојата екипа, но не успеавме да го направиме тоа. Не останувам во Турција, во моментов имам потпишано договор, но чекаме за клубот да го официјализира тоа. Нема да биде Турција, туку ќе биде познато место за македонската репрезентативна одбојка. И набрзо ќе го официјализираме трансферот.

СОИГРАЧИТЕ СЕ ШЕГУВААТ СО МЕНЕ ДЕКА НЕМАМ ТРОФЕЈ ВО МАКЕДОНСКИОТ ШАМПИОНАТ

Уште како млад заминавте во странство и таму ја развивавте кариерата. Дали е можно еден ден Ѓоргиев да заигра за тим од македонското првенство?

На 17 години заминав во Крагујевац и не освоив титула. Во тоа време Работнички беше неприкосновен. Многу од соиграчите во репрезентација се шегуваат со мене дека имам многу титули, но никогаш во Македонија. Ќе морам тоа да го променам, но се зависи од здравјето и желбата. Би сакала кариерата да ја завршам тука во Струмица, но да оставиме да помине времето. Сакам многу, но само здравјето да дозволи и се ќе биде во ред.

СОПРУГАТА ДАНИ МИ Е НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА, МАРИЈА Е ТАТИНА ЌЕРКА

Со сопругата веќе шест години сте во брак. Колку е важна таа во вашата кариера и колку значи што каде и да настапувате имате блиска личност со која можете да ги делите и победите и поразите?

Шеста година сме во брак со сопругата. 2015 правевме свадба. Додека го правиме интервјуто добив принова се вика Викторија. Мама и Викторија се живи и здрави. Јас и Марија ги чекаме да ги видиме бидејќи поради коронавирусот не можеме да ги посетиме. Таа ми е најголемата поддршка. Нејзе и е многу убаво кога победуваме, но и многу тешко кога губиме бидејќи јас сум познат за многу лош губитник. Кога губиме јас не сум за разговор. Едноставно сум бесен и мислам како да ја поправам играта. Не и е лесно бидејќи оди со мене и е сама во земји каде што нема многу пријателки. Кога се земавме знаеше дека со професионален спортистот животот е тежок, но јас сум и многу благодарен и се надевам дека пред нас се уште добри четири/пет години во странство. Само да сме здрави и живи и фамилијата е најдрагоценото нешто. Победите поразите доаѓаат и одат, но фамилијата останува засекогаш.

Вашата ќеркичка Марија е најголемиот ваш фан и секогаш е присутна на вашите мечеви. Дали Марија покажува аспирации кон одбојката и што највеќе сака таа кај тато?

Марија ми е најголем фан, но и јас сум нејзин најголем фан. Кога е тато дома не сака да си игра со никој друг освен со тато. Кога сум дома по цел ден сме заедно. Заедно си играме по 24 часа. Се правиме заедно. Само кога тато мора да оди на тренинг на почетокот имаше многу плачење, но со тек на времето почна да се навикнува. Покажува само каде оди тато и покажува со рацете како тато игра одбојка. Интересно е тоа што кога ја прашувам тато ќе играш ти одбојка вели не, а кога ќе ја прашам тато ќе играш ти фудбал вели да. Интересно е што покажува аспирации кон фудбалот. Меѓутоа само жива и здрава нека биде па што ќе одбере во животот си е до нејзе.

Се вчитува...