„Панцирите“ не признаваат пријателски натпревар: Летонија на колена, Германија пукна „петарда“ уште во првото полувреме (ВИДЕО)

И покрај тоа што натпреварот беше под знак прашалник заради позитивниот случај на коронавирус, сепак, вечерва беше одигран последниот контролен меч меѓу Германија и Летонија, а „панцирите“ беа видно мотивирани и инспирирани за игра, па на крај обезбедија убедлива победа од 7-1.

Репрезентацијата на Германија пукна „петарда“ уште во првото полувреме, Робин Госенс ја најави голеадата уште во 19. минута, а по само две минути игра домаќините поведоа и со 2-0, стрелец на голот беше Илкај Гундоган. Налетот на германските фудбалери беше застрашувачки, се редеа низа на акции и шанси за гол, па во 27. минута Томас Милер ја затресе мрежата на гостите и донесе зголемување на предноста од три гола. До крајот на првото полувреме во листата на стрелци се запишаа Каи Хаверц во 39. минута и Серж Гнабри во 45. минута.

Ниту во второто полувреме не мируваа мрежите, репрезентативецот на Германија, Тимо Вернер постигна гол во 50. минута, а гостите намалија на пет гола разлика и дадоа почесен гол преку Алексеј Савељевс во 75. минута. Сепак, овде не беше крајот, домаќините не се откажаа и веднаш се реваншираа во следната минута, откако Лерој Сане во 76. минута ги постави конечните 7-1.

За потсетување, Германија на Европското првенство ќе игра во групата на „смртта“, а во првиот меч за противник ќе ја има селекцијата на Франција. Тимот на Јоаким Лев во оваа група за противници уште ќе ги има и репзентациите на Португалија и Унгарија.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Се вчитува...