Премиерот на македонската влада, Зоран Заев ги испрати фудбалерите на Европското првенство 2020 на пистата на скопскиот аеродром непосредно пред полетувањето за Букурешт.
Заев им посака среќа со желба за нови успеси кои ги посакува и очекува македонската јавност.
Благодарност до Премиерот за испраќањето искажаа и од Фудбалската федерација на Македонија.
„Фудбалската федерација на Македонија и претседателот Муамед Сејдини упатуваат искрена благодарност до Владата на Република С. Македонија и Премиерот, Зоран Заев за убавите зборови на поддршка за македонската репрезентација пред заминувањето за Букурешт“ – соопштија од ФФМ.
Поради репрезентативните здравствени протоколи за заштита од Ковид-19 претходно беше нагласено дека, и покрај барањата на премиерот Заев и претседателот Стево Пендаровски, никој нема да може да ги посети репрезентативците во базата, за време на подготовките во Скопје, Но, изминативе денови хотелот „Хилтон“ беше буквално како на пазар, ако се суди согласно споделуваните фотографии по социјалните мрежи. Кој се и како не си имаше средби со фудбалерите, дополнето и со роденденски прослави со навивачи. Па, на крајот остана впечатокот дека, согласно репрезентативните протоколи, средба со фудбалерите, од цела држава, не смееја да имаат само Премиерот, Претседеталот и спортските медиуми!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА