Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“ (Германија), „Франс фудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија)…, ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020.
ЕКИПА ви ги носи мини-профилите на сите австриски репрезентативци кои се во комбинација за утрешниот натпревар со Македонија во Букурешт.
За ЕКИПА пишува: Андреас Хагенауер од „Дер Стандард“, Австрија
Следете го на Твитер: @AndHagen.
========================
Александер Шлагер (ЛАСК) – голман
1.февруари 1996
Призна дека бил малку нервозен кога селекторот Франко Фода го избра да стартува против Шкотска во март месец. Оттогаш тој е прв голман на Австрија и забележа три настапи во квалификациите за Светското првенство 2022 година, со што се промовираше во прв избор за ЕВРО 2020. 25-годишникот од Салцбург е еден од главните виновници за успехот на неговиот клуб, ЛАСК Линц. Како тинејџер тој чул дека германската голманска легенда, Јенс Леман секогаш пред натпревар читал книга, па така и Шлагер има свој ритуал. „Решавам крстозбор пред секој меч“. Неговиот втор ритуал е џвакање мастики. Тој секогаш има три мастики пред натпревар. Една додека се пресоблекува, една за загревање и една за мечот. „Да и понатаму тоа го правам и не гледам ни еден проблем од нутриционистички аспект“.
Хајнц Линднер (Базел) – голман
17.јули 1990
Можеби изгледа како член на У21 репрезентацијата, но Линднер всушност е најискусниот чувар на мрежата во селекцијата на Фода. Не успеа да се пробие откако во 2017 ја напушти Австрија Виена и премина во Ајнтрахт Франкфурт, но сепак успеа да остане на радарот на репрезентацијата, а минатото лето премина во швајцарскиот Базел. Дебито го имаше уште во јуни 2012 година во победата во пријателскиот меч против Украина од 3-2. Линднер во клупската кариера најчесто е бек-ап, но никогаш не дозволува тоа да го демотивира. „Секако дека секој сака да игра, но никогаш не сум правел проблем, никогаш не сум се обидувал да направам лошо расположение. Јас сум професионалец. За мене тимскиот дух е пред се“, изјави кога играше за Ајнтрахт Франкфурт.
Даниел Бахман (Ватфорд) – голман
9. јули 1994
Бахман ја напушти Австрија како тинејџер, потпишувајќи договор со Стоук во 2011 година. Беше на позајмици во Врексам, Рос Каунти и Бари пред него што се пресели во Вотфорд од каде потоа беше позајмен во Килмарнок. Сепак, повредата на Бен Фостер ја отвори вратата за него на „Викериџ роуд“, каде ја одигра клучната улога во враќањето на неговиот тим во Премиер-лигата. На ЕВРО доаѓа во голема форма и самодоверба и со само една мисл „Мојот син беше премлад за да ме гледа како играм додека бев во Шкотска, а поради пандемијата се уште ме нема гледано во живо. Се наежувам на самата помисла дека тој ќе биде на стадионот и ќе ме гледа“.
Павао Перван (Волфсбург) – голман
13.ноември 1987
Перван мораше да почека за да се пробие во кариерата. Роден е во Виена, а има југословенски корени. Цврст и моќен голман висок 193 центиметри, со одлична техника, силен и добар во организацијата на игра. Годинава беше позитивен на Ковид-19. „Бев шокиран кога дознав дека сум позитивен бидејќи бев премногу внимателен. Како фудбалери имавме привилегија да можеме да работиме додека цел свет беше затворен, па затоа наша одговорност е да се однесуваме професионално“.
Мартин Хинтерегер (Ајнтрахт Франкфурт) – одбрана
7. септември 1992
Во 2019 фулбекот на Франкфурт е исфрлен од репрезентацијата бидејќи „претера“ во роденденската прослава. Сака да ужива во животот. Во една ситуација однесе цела гајба пиво во соблекувалната на Франкфурт откако се пожалил дека соиграчите повеќе сакаат да гледаат во телефоните отколку да пијат заедно со него. Тој е квалификуван пилот за хеликоптери, а по завршувањето на фудбалската кариера сака да работи како пилот во спасувачки служби или во полиција. „Можеби имам некои необични карактеристики. Не се ни добри ни лоши, туку се смешни. Често излегувам во ловечка јакна и чуден шешир. Моите соиграчи се навикнати на тоа. Ако би одел облечен во Гучи, Луи Витон или како и да се вика би се чувствувал непријатно“. На теренот е одличен и е вистинска закана од прекини.
Штефан Лајнер (Борусија Менхенгладбах) – Одбрана
Доследен и вреден десен бек кој немилосрдно обработува по десната страна. Обожавателите велат дека има срце во нозете. „Тој е чудо на природата“, вели тренерот на Менхенгладбах, Марко Росе. Ужива репутација како еден од најдобрите на неговата позиција во Бундеслигата. Надвор од терените се држи на страна од работи кои не се поврзани со фудбалот. „Јас сум само тивко момче кое ужива слободното време да го поминува со саканите. Сакам да уживам во храната со својата сопруга, а често шетаме со нашето куче. Кога ми дозволува времето свирам гитара, а кога сум на одмор уживам да играм тенис. Се забавувам, но многу сум посмирен од повеќето луѓе“, знае да каже за себе Лајнер.
Александар Драговиќ Баер Леверкузен (завршен договор) – Одбрана
6. март 1991
Цврст централен бек кој беше на позајмица во Лестер во сезоната 2017/18. Засекогаш ќе биде запаметен по олујата која ја предизвика во 2012 година кога Базел ја освои 11. титула во купот на Швајцарија, а политичарот Ули Мауер кој беше шеф на оделот за одбрана, цивилна заштита и спорт ги доделуваше медалите на шампионите. Тој три пати го удри Мауер по главата, што доведе до големо незадоволство кај јавноста и медиумите, а тој своите постапки ги бранеше како само „добра забава“. Сепак, тој лично му се извини на Мауер за неубавата шега. Портпаролот на Базел по немилиот настан изјави „Во целата еуфорија, Драговиќ претера. Не знаеше кој е Мауер“.
Андреас Улмер (Ред Бул Салцбург) – Одбрана
30.октомври 1985
Предизвика голема конфузија во јуни 2017 година кога поранешниот селектор Марсел Колер го повика за мечот против Ирска, а тој наместо тоа одлучи сепак да ја организира својата венчавка. Медиумите целата ситуација ја нерекоа „Wedding-gate“, a Колер ја критикуваше целата ситуација. Улмер се бранеше со зборовите „Веќе два пати морав да ја одложам венчавката. Еднаш поради здравствени причини, а минатата година поради фудбалот. Сега искрено не сум во форма, нешто што не го спомена селекторот. Тоа не е во ред, бидејќи мислам дека во текот на целата година се однесував коректно и професионално“. Откако Колер даде оставка, Улмер се врати во репрезентацијата каде под водство на Франк Фода е стартер на левата бековска позиција. Со 35 години тој е најстариот фудбалер во репрезентацијата, а со Ред Бул Салцбург веќе има освоено 11. титули.
Штефан Пош (Хофенхајм) – Одбрана
14.мај 1997
Висок, моќен и незапирлив фул-бек. „Јас сум тивок човек и на теренот и надвор од него“, вели за себе Пош. „Неверојатен пример“, вели за него директорот на Хофенхајм, Александер Росен. „Ништо не може да го поколеба“. Неговата смиреност беше тестирана во декември кога Маркус Турам го плукна, а тој не тргна да се пресмета со него. Имаше конфликт и со Ерлинг Халанд, но сака да избегнува скандали. Го сака своето куче, а не сака кога е гладен и луѓе кои доцнат.
Кристофер Тримел (Унион Берлин) – Одбрана
24.февруари 1987
По училиштето помина година дена како градежен работник, а во план му било да студира историја на уметноста во Виена пред него што стана професор по уметност. Сепак, се се промени кога Рапид Виена му даде шанса на 21 година. Тримел сега е капитен во бундеслигашот Унион Берлин, а во слободно време тетовира луѓе. „Уметноста отсекогаш ми беше хоби, секогаш сакав да цртам и сликам, а тетоважите се продолжение на таа љубов. Првата тетоважа ми ја направи другар пред 15 години, а потоа пробав и јас и тој го виде мојот талент. Така влегов во оваа професија. Чекор по чекор, сега три дена хонорарно го работам тоа. Омилена фудбалска тетоважа ми е таа на грбот на Златан“.
Штефан Илсанкер (Ајнтрахт Франкфурт) – Одбрана
18. мај 1989
Поливалентен фудбалер кој може да ја пополни секоја позиција во одбраната. Силен фудбалер со голема волја, кој е бескруполозен на теренот. Во текот на карантинот кога фудбалот беше прекинат Илсанкен во една изјава кажа „Веќе ми е доста. Само сакам да влезам во дуел со некого“. Кога минатата година премина во Ајнтрахт од Лајпциг мораше да им се извини на навивачите на тимот од Франкфурт бидејќи две години порано ги нарече „дебили“. Тој за нив имаше кажано дека не се вистински навивачи, туку идиоти кога фрлија тениски топки во знак на протест на распоредот токму на мечот меѓу Ајнтрахт и Лајпциг. „Откако изгубивме со Лајпциг од Ајнтрахт бев бесен и дадов недоличен коментар не знаејќи за што навистина биле протестите на навивачите. Во животот сум кажал многу глупости“.
Филип Лајнхарт (Фрајбург) – Одбрана
11. јули 1996
Перспективен фудбалер и голем талент. Лајнхарт го напушти младинскиот тим на Рапид Виена во 2015 година и се пресели во Реал Мадрид за кого одигра само 13 минути во куп мечот проти Кадиз, но научи многу на тренинзите од Кристијано Роналдо, Герет Бејл и Карим Бензема. „Ми значеше многу на личен план, но и тактички научив многу. Како позиционирање и играње одбрана против најдобрите во светот“. Му се придружи на Фрајбург во 2017, а во мај потпиша нов договор со клубот. Тој е скромно момче. На прашањето што му пречи најмногу во фудбалот, одговори „Претераните пари кои се даваат за трансфери на фудбалери. Тоа е апсурдно. Во Европа фудбалер менува клуб за 200 милиони евра, а на другата страна на светот луѓето секојдневно умираат од глад“.
Марко Фридл (Вердер Бремен) – Одбрана
16.март 1998
Млад одбранбен фудбалер кој веќе има свое влијание во Бундеслигата. Фридл потпиша за академијата на Баерн Минхен кога имаше 10 години и со текот на годините се развиваше под менторство на неговиот сонародник, пријател и ментор, Давид Алаба кој за него ќе каже дека го прифаќа како помал брат. Првиот настап за А-тимот на Австрија го имаше во октомври минатат година. Тој стана вирален хит кога во април годинава три пати во една акција беше погоден во Бундеслигата и го доби прекарот „Скот Стерлинг од вистинскиот живот“, популарниот американски комедија лик кој во едно видео пет пати успеа да одбрани пенал со својата глава.
Давид Алаба (Реал Мадрид/слободен агент) – Одбрана
24.јуни 1992
Клучот за успех на Австрија на Европското првенство. Најголемото прашање кое се поставува е на која позиција да игра Алаба? Најдобриот австриски играч од 1930 година и генерацијата на „Вундертимот“ предводена од Матијас Сајндлер и компанија. Тој е еден од најдобрите леви бекови во неговата генерација, но исто така може да игра и во средината или на крилните позиции. Но, каде и да го користиш покрај добрата игра и свестраноста која ја има, доаѓа и голема одговорност, а Алаба се труди да ги оправда големите очекувања на сцената. Неговиот татко Џорџ е нигериски принц, кој станал ди-џеј а мајка му Џина е медицинска сестра и поранешна мис на Филипини. Неговата сестра Роуз Мери е кантавторка, чија песна „Love me right“ беше сингл број 1 на австриските топ листи. Летово емотивно се прости со Баерн Минхен откако не успеа да се договори за новиот договор. „Дојдов овде како шеснаесет годишник од Виена и тука го поминав скоро половина од мојот живот. Тоа навистина говори се. Клубот е моето семејство, мојот дом, моето посебно место“.
Филип Мвене (Мајнц) – Одбрана
29. јануари 1994
Вистинско изненадување, но селекторот Фода е голем фан на играта на Мвене и енергијата која ја остава на теренот. Татко му е Кениец, а мајка му Австријка. Кариерата ја почна како десен бек, но во Мајнц беше префрлен на левата позиција. После неколку повреди успеа да ја најде вистинската форма минатата година и оттогаш неговата самодоверба почна да расте, особено по доаѓањето на новиот тренер во Мајнц, Бо Свенсон. Тој го постигна првиот гол во Бундеслигата во мај против Херта Берлин. „Кога дојде новиот тренер картите беа промешани и веднаш знаев дека ќе добијам шанса“, изјави Мвене. „Се уште има многу работи во кои можам да бидам подобар, но сега имам шанса да продолжам да се усовршувам“.
Џулиан Баумгартлингер (Баер Леверкузен) – Средина
Капитенот на Австрија се опорави од операцијата на предните вкрстени лигаменти токму навреме за да може да биде дел од тимот на Европското првенство. Неговото отсуство ќе беше голем проблем за селекторот Фода. Тој е неизоставен дел од средината, без разлика дали напаѓа кон противничкиот гол или и помага на одбраната. Вистински лидер, кој го краси приземност, голема интелигенција и многу размислување. Кога го прашаа минатата година дали го мрази Ковид-19, тој одговори „Не. Омразата и стравот ги прават луѓето слепи и глупи. Вирусот влијае на сите нас, што не прави сите исти. Тоа е немилосрдно фер ситуација“.
Марсел Сабицер (Ред Бул Лајпциг) – Средина
17. март 1997
Еден од главните виновници за големиот успех на Лајпциг во последните години. Вистински капитен на клубот кој е неверојатно кретивен и добар техничар. Има силен шут и постигна неверојатен гол во 2019 во мечот против Зенит во Лигата на шампионите. Откако ја напушти Австрија во 2015 и премина во Германија тој го загуби австрискиот акцент. Вели дека иако е капитен не го користи тоа. „Не сум секогаш ннајгласен во тимот. Останувам мирен, ја проценувам ситуацијата и тука сум ако треба некого да го мотивирам или да му речам да се смири. Знам дека на било кој во тимот можам да му ја кажам вистината во лице и сакам соиграчите да бидат такви кон мене. Искреноста ми е апсолутен приоритет во животот“. Син е на поранешниот австриски интернационалец Херфрид Сабицер.
Флориан Грилиш (Неопеаниот херој) – (Хофенхајм) – Средина
7.август 1995
Еден од најдобрите дефанзивни среднисти во Бундеслигата. „Грило“ има неверојатен прв допир, што му дава подобро да го чита противникот и играта. Секогаш ја бара топката без разлика колкав е притисокот над него. „Во денешниот фудбал не може да размислуваш само офанзивно или дефанзивно. Мора да бидеш прилагодлив и да придонесуваш во сите делови од теренот. Мојот фокус е да бидам повеќе доминантен и да ја барам повеќе топката, со самото тоа станувате многу поопасен“. Многу тимови од Премиер-лигата се заинтересирани за него, но тој пред турнирот размислува само на репрезентацијата. „Подготвен сум за следниот чекор, но во моментов не размислувам за тоа. Ќе видиме што ќе донесе иднината по Европското првенство“.
Кристоф Баумгартнер (Млад талент) – Хофенхајм – Средина
1.август 1999
Голем талент, брз и полн со енергија. 21-годишникот му се приклучи на Хофенхајм кога имаше само 16 години и веднаш покажа неверојатна брзина со што потврди дека може да прерасне во нешто големо. Беше поврзуван со Манчестер Јунајтед минатиот јануари, но потпиша нов договор со Хофенхајм до 2025 година пред почетокот на ЕВРО. „Неговиот развој во Хофенхајм е сигурен успех за двете страни. Јасно е дека со неговиот фудбалски способности ќе биде на радарот на најдобрите клубови во Европа. Овој потпис ја покажа неговата верност кон нашиот клуб“, изјави директорот на Хофенхајм Александер Росен.
Валентино Лазаро (Борусија Менхенгладбах (позајмен од Интер)) – Средина
24.март 1996
Брз и технички потковано десно крило. Лазаро беше критизиран поради своето недолично однесување на социјалните мрежи. Сепак, беше еден од ретките австриски фудбалери кој говореше за расизмот и нееднаквоста во текот на протестите „Black live matters“ во САД. „Како јавна личност често ни се говори да го држиме јазикот во устата, да одржуваме чиста слика и да не коментираме политика. Фрелете го сето тоа низ прозор“. Го постигна голот на сезоната откако со „шкорпионка“ во ноември 2020 година стрелаше против Баер Леверкузен. Негов пример е Роналдињо, а исто така се занимава и со музика и има сопствено студио. „Не сум тип на личност која по тренингот заминува дома, пие кафе или чита книга. Сакам да создавам нешто креативно, затоа создавам музика често доцна во ноќта. Поголемиот дел од текстовите е напишан на англиски. Последната песна која ја напишал е љубовна. Убава и вистинска приказна, бидејќи во моментов сум заљубен“.
Ксавер Шлагер (Волфсбург) – Средина
28.септември 1997
Вистински борец во средината на теренот во Волфзбург. Неговиот поранешен тренер во младинските категории Вернер Грегориш знае да каже за него „Како размислува, Шлагер е единствен. Пред гостинскиот натпревар во Финска имавме тренинг на ливада, четири на четири. Тимот на Шлагер имаше негатива од два гола и еден фудбалер поради повреда мораше да престане со игра. Сакав да го прекинам тренингот, но тој сакаше да продолжиме. Трчаше како да го брка ѓаволот и на крај дури и победија. Му кажав на помошникот, ако овој човек не успее јас никогаш веќе нема да бидам тренер“. Шлагер е навивач на Арсенал, а негов идол е Тиери Анри. Вели дека имал проблеми во текот на карантинот. „Со губењето на социјалнииот живот ми беше посебно тешко како човек кој игра во странство. Морав да се борам. Работев со психолог. Купив клавир и научив да играм шах. Пробував да најдам работи како би го задржал расположението.
Луис Шауб (Луцерн (позајмен од Келн)) – Средина
29. ноември 1994
Некогаш голема надеж, Шауб ја напушти Рапид Виена во 2018 година како би си ја пробал среќата во Германија. Технички поткован левак кој имаше добар старт во Келн, но не успеа да го направи следниот чекор. Сепак, повторно се пронајде себе во швајцарскиот Луцерн. Неговиот татко Фред почина во април 2003 година во сообраќајна несреќа. Осум годишниот Луис беше во автомобилот во кој почина татко му и помина со повреди. „Мајка ми ми даде многу сила тоа да го преболам. Вечно ќе и бидам благодарен“, изјави Шауб во 2014 година. „Морате да се помирите со минатото. Дури и тоа што се случило лошо не може засекогаш да го задржувате во себе. Тажно е, но не може ништо да се промени. Животот иде понатаму“.
Конрад Лајмер (Ред Бул Лајпциг) – Средина
Голем работник, кој одлична игра пресинг и лесно може да се прилагоди од одбрана во напад. Неговиот поранешен тренер Јулијан Нагелсман еднаш за него има кажано: „Со Кони едноставно ние сме подобар тим“. Неговото деби за Австрија го имаше во јуни 2019 година во квалификацискиот натпревар против Словенија за ЕВРО 2020. Успеа да се опорави на време за Европското првенство. „Јас сум играч кој многу трча, а една од моите доблести е борбеноста. Идол ми е Стивен Џерард. Начинот на кој играше, страста која ја имаше за оваа игра и чувството секогаш сум се поистоветувал со него“. Исто така многу сака да јаде „Нутела“, сака да носи тренерки и ја обожава серијата „Peaky Blinders“. Мрази ананас на пица.
Алесандро Шоп (Слободен играч) – Средина
7.февруари 1994
И покрај својата сестраност тој не успеа да му помогне на Шалке да не испадне од Бундеслигата по пауза од 1988 година. Технички поткован, вешт офанзивен фудбалер кој е брз и има чувство за гол. Ќе биде корисна опција летово за Фода. Единствениот погодок за Австрија го постигна на ЕВРО 2016 година, израмнувајќи против Исланд, на шампионатот на кој завршија на последното место во групата со само еден бод. Минатата година карантинот го помина свирејќи гитара. „Се сум подобар и подобар. Но, морам многу да работам на моето пеење. Гледав „Elit“ и „Casa de papel“ на „Нетфликс“, и „Top boy“. Сакам да гледам и „Modern family“ и „Two and a half men“.
Хусеин Балиќ (Ласк) – Средина
15. февруари 1996
Брзо и технички потковано крило со моќна десна нога кој сака да игра по левата страна. Неговото најголемо оружје е брзината. Негова инспирација е Јусеин Болт. Имал 17 години кога го одиграл првиот професионален меч во клубот од каде што потекнува Ворвартс Стејр. Кога неговиот противник Фабиан Кох беше исклучен по дуел со Балиќ, Кох изјави: „Сакав само некако да го сопрам. Тој е како ракета“. Минатата сезона беше поврзуван со Брентфорд и Саутемптон и се чини дека наскоро ќе премине во некоја од топ лигите.
Марко Арнаутовиќ (Шангај) – Напад
19.април 1989
Заедно со Алаба еден од најважните фудбалери во репрезентацијата на Австрија во минатата деценија. Сепак, заинтересираноста за него се намали откако реши од Вест Хем да премине во кинеското првенство. Можно е негово враќање во Вест Хем дури и ако значи дека платата ќе му биде многу намалена. Легендата на Вест Хем Марк Нобл вели дека би сакал повторно да го види во Лондон. „Сите беа загрижени кога дојде во Вест Хем поради перцепцијата дека е лошо момче. Но, каков смешен човек. Кога се сконцентрира на тренинзите и даде максимум едноставно не можеше никој да му се приближи. Беше многу брз и моќен. Бев навистина тажен кога си замина“. И понатаму неверојатен фудбалер кој може сам да одлучи натпревар. Надвор од фудбалот произведува вотка и џин кои ги продава по 40 фунти шише.
Саша Калајџиќ (Главен голгетер) – Штутгарт – Напад
7.јули 1997
Треба да ги реши голгетерските проблеми во Австрија по одличната сезона во Штутгарт. Висок скоро два метри фудбалер кој порано играше во средниот ред, постигна гол во седум меча во низа од почетокот на годината. Тој е мирно момче кое секогаш игра со насмевка на лицето. Не сака да го споредуваат со Питер Крауч. „Се имам слушнато. Ме викаат висок напаѓач, млитав напаѓач, голем напаѓач. Немам ништо против ако луѓето се забавуваат. Ако можам да им измамам насмевка на лицето, тоа е најважно. Но, јас сум само Саша, само сакам да играм. Да се биде дел од Европско првенство е сон за секого“.
Михаел Грегорич (Аугзбург) – Напад
18. април 1994
Тимски играч и голем работник. „Фудбалот е многу повеќе работа од тоа што мислат луѓето. Но, јас уживам секој де во него“. Тој е син на селекторот на австриската репрезентација до 21 година, Вернер Грегорич и заедно со неговиот татко и брат имаат формирано фондација за деца со посебни потреби. Три дена пред неговиот 16 роденден во април 2010 доби шанса од неговиот татко во Кафенберг која ја искористи постигнувајќи гол за само 120 секунди од неговото влегување, со што стана најмладиот стрелец на гол во австриската лига. „Направив договор со татко ми. Сега мора да ми купи панини албум и игри за плејстејшн“.
Адриан Грбиќ (Лориен) – Напад
4. септември 1996
Висок и талентиран напаѓач со силен удар кој може да има големо влијание во репрезентацијата, доколку му се даде вистинска шанса. За Австрија дебитираше во септември минатата година на мечот против Норвешка. Неговиот поранешен тренер, Клаус Шмид верува дека има дар од Бог. „Неговата вештина за шутирање му е дар од Бога“. Кога минатата година премина во Лориен за сума од 9 милиони евра, клубот го претстави така што објави видео снимка на која се гледа како Грбиќ скока со падобран од авион и прецизно слетува на стадионот. Потоа беше објавено дека се работело за каскадер. „Би бил многу нервозен да го направам тоа што го направи каскадерот“, изјави Грбиќ.
Карим Онисиво (Мајнц) – Напад
17.март 1992
Премина од Матерсбург во Мајнц во 2016 година каде направи доволно за да добие повик за Европското првенство. Франко Фода верува во можноста на Онисиво да направи разлика од клупата со неговата брзина и доброто проигрување. Неговото деби за Австрија го имаше на пријателскиот натпревар против Швајцарија во ноември 2015 година. Одличен успех за момчето кое на 17 години работеше како автомеханичар мислејќи дека никогаш нема да успее. Често сака да ја менува фризурата, а инспирација наоѓа во социјалните мрежи „Тик-ток“ и „Инстаграм“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА