Се е подготвено за почетокот на ЕВРО 2020 и вечерашниот дуел меѓу Италија и Турција, а во пресрет на официјалниот старт на шампионатот се почести се анализите со прогнози за исходот на ова големо натпреварување. Во нив многу често се наоѓа и Македонија, која заедно со Финска е еден од двата дебитанти на европските шампионати, а по последниот квалификациски триумф над Германија сега на „црвено-жолтите“ се гледа со далеку поголем респект, па сите ривали потенцираат дека репрезентацијата предводена од Пандев може да изненади секого на ЕВРО 2020.
„Еуроспорт“ денеска објави листа од девет фудбалери на кои треба да се внимава бидејќи можат да прераснат во „ѕвезди“ на овој шампионат, меѓу нив има место за двајца македонски репрезентативци, Енис Барди и Горан Пандев.
„Приказната на Барди е фасцинантна, откако блескаше за локалниот тим Шкупи тој подоцна се избори за договор во младинскиот тим на данскиот гигант Брондби. Работите не се одвиваа како што посакуваше, па мораше да тргне по потешкиот пат – преку втората шведска лига да се пресели во Унгарија, од каде си осигура трансфер во шпанскиот прволигаш Леванте. Барди е вистински техничар (ниту еден фудбалер освен Лео Меси не постигнал повеќе голови од него од слободен удар во Ла Лига во последните години), а постои влечаток дека се уште го немаме видено најдоброто од Енис, кој би можел да „царува“ на оваа забава“, пишува „Еуроспорт“ за македонскиот генијалец од средината на теренот.
Последен на листата од девет асови кои би можеле да блеснат на ЕВРО 2020 според „Еуроспорт“ е македонскиот капитен Горан Пандев.
„Ја завршуваме оваа анализа со четвртиот највозрасен фудбалер на турнирот. Може да се изненадите што Пандев е уште игра на 37-годишна возраст, но тој не само што го прави тоа, туку е и клучен фудбалер на македонската репрезентација. Ако ги следевте последните квалификацски средби секако дека видовте како Пандев ја предводеше Македонија до шокантен триумф над Германија, вистински доказ за талентот на Македонците. Брзината можеби од поодамна не му е главен адут, но работи исклучително напорно на теренот, а „левицата“ се уште му е многу опасно оружје. Вообичаено игра како еден од напаѓачите при 3-1-4-2 или при 5-3-2, овозможувајќи им на Барди и на Елиф Елмас да втрчуваат во противничкиот шеснаесетник“, се вели во анализата за македонскиот ас.
Покрај двајцата наши репрезентативци, на листата на потенцијални ѕвезди на ЕВРО 2020 се наоѓаат уште и Бурак Јилмаз (Турција), украинскиот тинејџер Илија Забарни, Итан Ампаду од Велс, Русинот Александар Головин, Јонас Винд (Данска), Озан Туфан (Турција) и Каспер Козловски (Полска).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА