ЕКИПА во Букурешт,
Владимир Булатовиќ, Роберт Спасовски (ФОТО)
Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев го живее конечно својот сон со пласманот на Европското првенство 2020. Го чекаше точно 20 години од моментот на своето деби во националниот тим, за да сега не може да ги сокрие емоциите во очекување на утрешниот прв натпревар на собирот на најдобрите на Стариот континент.
„Точно е дека работат емоциите, точно е дека сите во Македонија, фудбалерите, навивачи, медиуми, јавност го очекувавме овој момент. И, верувајте сега сме подготвени да го дадеме срцето за нови радости, затоа што знаеме дека сите погледи во Македонија се насочени кон нас“ – истакна капитенот на официјалната прес-конференција пред утрешната средба со Австрија.
Селекторот Игор Ангеловски во Скопје ги откри амбициите дека желбата е Македонија да не се задоволи само со пласманот на Европското првенство, но и да обезбеди пласман во вториот круг. Дали Горан и соиграчите го прифаќаат предизвикот на селекторот за пласман во вториот круг на ЕВРО 2020?
„Јас го прифатив предизвикот на селекторот пред шест години кога дојде во Џенова и ме убеди да се вратам во националниот тим затоа што не чекаат успешни денови. И ми се чини дека тоа беше главно на патот до остварувањето на овој сон. Но, секако и јас и соиграчите сме подготвени да го прифатиме и овој предизвик. Желбата е секако да го демонстрираме максимумот на секој натпревар и да се обидеме да не завршиме со само три меча на шампионатот“ – дополни Пандев.
За дуелот утре против Австријците…
„Имаме негативно искуство со оваа репрезентација, но добро ги анализиравме нивните игри последниот период. Знаеме дека не чекат тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување. Онаа победа против Германија донесе самодоверба плус во нашите редови, овие момци се повеќе се свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив плус на секој дуел на првенството“ – вели најдобриот македонски фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА