ЕКИПА во Букурешт,
Владимир Булатовиќ, Роберт Спасовски (ФОТО)
Австриските медиуми за време на видео-средбата со македонскиот селектор Игор Ангеловски во Букурешт некако основно фокусирани беа на начинот на кој утре ќе игра македонската репрезентација.
„Познато е дека Македонија игра дефанзивно, притоа чекајќи свои шанси преку контранапади со фаворитите. Така беше против Германија. Дали и утре Македонија ќе игра дефанзивно?“ – беше прашањето на колегата од австриски „Спорт1“.
Па, следеше одговор…
„Ех, ако сега тука ја отвориме темата како ќе играме на утрешниот натпревар…“ – низ смеа одговори Ангеловски, притоа дополнувајќи:
„Ако почнеме да разговараме за тоа, ќе треба да ви откријам точно како планираме да биде поставена нашата игра. А, тоа и самите знаете дека не е можно. Но, како и да е, дефинитивно не се согласувам дека имаме дефанзивна определба и доволен показател за тоа е што на пет натпревари оваа година, вклучувајќи ги и последните два тест-дуели, Македонија има постигнато 14 гола, што е речиси три гола по натпревар. Во секој случај, знаеме дека Австрија е навистина квалитетна селекција која максимално ја почитуваме и така ќе се однесуваме на терен, но без преценување и со верба во нашите квалитети“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА