Не издржавме против Австријците – Македонија со пораз го почна ЕВРО 2020!

ЕКИПА во Букурешт,
Владимир Булатовиќ, Никола Станикевски, Роберт Спасовски (ФОТО)

Македонската репрезентација со пораз го стартуваше дебитанскиот настап на Европското првенство 2020. И покрај тоа што националниот тим имаше позитивни 1-1 се до последните десет минути од натпреварот на крајот пораз од Австрија во Групата Ц на првенството од 3-1. На крајот сосема заслужен ако се погледне дека Австријците беа далеку подобри во текот на сите 90 минути.

По мирните почетни минути на дуелот, првиот обид иако сосема безопасен го имаше Баумгартнер кој во 9. минута со глава речиси само ја додаде топката до Димитриевски.

И по тоталното мртвило на теренот, во 18. минута Австријците поведуваат без шанса. Сабицер нафрли од левата страна, а Лаинер на вториот дирек од само неколку метри смести во мрежата на Димитриевски.

Голот ги осоколи австриските фудбалери кои веќе во 22. минута имаа одлична можност преку Калајџиќ кој се најде во 100% шанса, но неговиот шут од 6-7 метри сега го брани Димитриевски.

И, толку од противниците. А, потоа, кој друг ако не Горан Пандев во 28. минута носи израмнување за Македонија. Грешка на австрискиот одбрана а потоа и на голманот на Австрија кој во дуел со Трајковски ја остава топката на 12 метри од каде Гранде Пандев стрела за 1-1, резултат и на полувремето кое потоа остана без шанси на двете страни.

Во второто полувреме, сосема идентичан старт како и првиот дел, без никакви возбудувања. Австријците имаа посед на топка но без опасност по голот на Димитриевски. Па, Фода во 58. минута направи тројна измена внесувајќи го во игра и Арнаутовиќ на местото на безопасниот Калајџиќ.

Во 63. минута, повторно погрешно истрчување на голманот Бахман, Николов успева да шутира, на одбиената топка натрчува Пандев кој се обидува со лоб-удар но непрецизно. Веќе во 64. минута одлична шанса и за Австрија но Столе Димитриевски пантерски реагира спречувајќи сигурен гол по одличниот обид на Грегорич со глава.

Во 73. минута шут на Алиоски откосо од 16 метри, но добро блокиран од противничките фудбалери.

И, во 78. минута, повторно во еден „умртвен период на играта“, Алаба нафрли од левата страна а Грегорич натрча пред Димитриевски и ја смести топката за водство од 2-1.

Во финишот кога македонската селекција се обиде да дојде до израмнување, Бејтулаи погреши во обидот да расчисти, а Арнаутовиќ во 89. минута го мина и голманот Димитриевски и ги постави конечните 3-1 за Австрија.

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО 2020 – ГРУПА Ц (1. коло)
АВСТРИЈА – МАКЕДОНИЈА 3-1 (1-1)
Национална арена во Букурешт: Гледачи: 15.000. Главен судија: Андреас Екберг (Шведска). Стрелци: Лаинер 18′ (А) – Пандев 28′ (М). Ж. картони: Трајковски, Алиоски (М).
АВСТРИЈА: Бахман, Лаинер, Драговиќ (58′ Лајнхарт), Хинтерегер, Улмер, Баумгартнер (58′ Грегорич), Лаимер, Шлагер, Алаба, Сабицер, Калајџиќ (58′ Арнаутовиќ)
Селектор: Франко Фода
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристевски, Велковски, Муслиу (87′ М. Ристовски), Николов (63′ Бејтулаи), Барди (82′ Тричковски), Адеми, Алиоски, Елмас, Пандев, Трајковски (63′ Костадинов)
Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...