- Од белешките на ЕКИПА од дебитантското учество на ЕВРО – четврти ден…
Два дена европските медиуми, меѓу се останатото од ЕВРО 2020, со сериозен интензитет го следат и случајот Марко Арнаутовиќ. Австриецот со српско потекло со жестоки пцовки го нападна македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски за време на меѓусебниот натпревар во Групата Ц, па сега се соочува и со жестока казна, ако УЕФА сака да ги почитува сопствените дисциплински правилници, кои најстрого забрануваат дискриминација на верска, расна и национална основа.
Поголемиот број европски медиуми со нетрпение ја очекуваа и реакцијата на Џани Алиоски, во надеж дека македонскиот репрезентативец ќе даде и детални објаснувања што се случуваше на терен со можност за дополнително разгорување на темата. Нормално, се тоа да има што повеќе да се пишува… Но, не добија ништо! Затоа што Џани не би бил Џани, ако не е без човечки маани. Уште еднаш ја покажа позитивната страна, и како личност и како спортист.
„Тоа што се случи со Арнаутовиќ е нормална работа на терен, на еден натпревар од големо значење. Имавме препирки но по последниот судиски свиреж поразговаравме и си подадовме рака. Не знам што ми кажа за време на мечот, не слушнав, и нема никогаш да шпекулирам за нешто што не сум слушнал“ – истакна Џани на денешниот брифинг со македонските медиуми во Букурешт.
Џани е момче кое никогаш нема да разгори теми на национална основа. Затоа и ја доби максималната поддршка од целата македонска јавност тогаш кога неправедно во неговиот роден Прилеп беше избркан од еден ресторан само затоа што зборуваше на својот мајчин јазик – албанскиот.
Се сеќавам и на една од првите меѓусебни средби со Џани пред седум-осум години кога беше повикан од Бошко Ѓуровски во македонскиот дрес. Секогаш беше пресреќен што е дел од националниот тим, но израснат во Швајцарија во мултинационална средина, за него секогаш беа збунувачки и одредени нетрпеливости на национална основа кои тлееја во Македонија.
„Јас искрено не разбирам што и како се случува во Македонија. За мене е непоимливо кога некој се дели по националност. Јас искрено и не знам да препознаам кој е Албанец, кој Македонец, кој Турчин… Сите ми се исти“ – онака насмеан ни коментираше тогаш збунетото момче Џани. „Јас и многу сакам да зборувам македонски, но малку ми е тешко. Иако навистина се трудам“.
И затоа Џани добива аплаузи од сите во Македонија…
Исто како што и романската полиција дели аплаузи за македонските фанови во центарот на Букурешт.
Интересна ситуација во стариот град на Букурешт, каде домашните оддржувачи на редот поминувајќи меѓу „загреаните“ Македонци, поделија аплаузи од возилото во движење за фановите кои пеат но не навредуваат, се радуваат но без инциденти… Е, добро, на крај за тој нивни гест беа испратени и со мало „раздрмување“ на полициското возило. Но, ништо страшно… И на тоа прогледаа низ прсти…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА