Нема дилема дека Украина ќе го стартува мечот со Македонија со поинаков почетен тим во однос на премиерната пресметка со Холандија. Причина – повредата на Олександр Зубков, кој мораше да биде заменет по само десетина минути игра во Амстердам и дефинитивно нема да може да настапи против Македонија.
Фудбалерот за врска на Ференцварош нема премногу сериозна повреда, но тој вчера не тренираше и дефинитивно нема да биде во комбинација за утрешниот меч.
„Зубков нема да стигне. Повредата не е сериозна, ќе се обидеме што поскоро да го опоравиме, но мечот со Македонија доаѓа пребрзо за него“, изјави селекторот Андриј Шевченко.
Местото на Зубков против Холандија му припадна на Марлос, но Шевченко не беше задоволен од Бразилецот со украински, кој потоа во второто полувреме беше повлечен од игра.
Добра вест за Украинците е што Виктор Циганков ги надмина проблемите со повредата и ќе може да настапи на утрешниот дуел во Букурешт.
„Циганков тренираше неколку дена со репрезентацијата, изгледа добро, не се жали на никаква болка. Нема сомнеж дека тој ќе ни биде големо засилување за мечот со Македонија, но пред натпреварот ќе донесам одлука дали би бил стартер или ќе почне од клупата“, прокоментира Шевченко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА