ЕКИПА во Букурешт,
Владимир Булатовиќ, Никола Станикевски, Роберт Спасовски (ФОТО)
Македонската репрезентација го игра денеска од 15 часот на националната арена во Букурешт клучниот натпревар за остварување на амбициите – пласман во вториот круг на Европското првенство 2020.
Мегданот со Украинците е мегдан за одлука за Игор Ангеловски и неговите избраници доколку сакаат до целите кои сами си ги зацртаа тогаш неизбежно ќе мора на победа против Украина.
„Оставен е зад нас натпреварот со Австрија извлекувајќи ги сите позитивни поуки. Сега не чека натпреварот со Украина кој е еден вид финале за нас на ова Европско првенство. Ние дојдовме на ЕВРО 2020 со цел да се пласираме во вториот круг, и таа наша цел останува. Не се откажуваме од тоа и секако се фокусираме. Натпреварот е важен за двете репрезентации, знаеме дека кој ќе победи оди во следниот круг, но не чувствуваме притисок туку напротив мотив за квалитетна игра и позитивен резултат. За Украина, пак, пораз на мечот ќе биде трагедија“ – истакна Ангеловски на официјалната прес-конференција
Сосема идентично е размислувањето на сите македонски репрезентативци. Знаат дека мора да се поправи впечатокот од првиот дуел на ЕВРО 2020, кој објективно поквалитетната селекција на Австрија заслужено дојде до триумфот, иако и со наша помош по грешките во последната четвртина од натпреварот.
Македонските фудбалери повторно ќе имаат бројна поддршка од трибините на националната арена каде, покрај десеттици фудбалски лица и работници кои се допатувани од Македонија, се очекува повторно присуство на повеќе од 3.000 македонски фанови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА