Енис Барди е еден од лидерите на македонската репрезентација на ЕВРО 2020, но ситуацијата можеше да биде многу поинаква доколку некој од шведските клубови го препознаеше неговиот талент и потенцијал. Во ситуација кога веќе го имаат Кулушевски како играч со македонски корени кој со голем успех настапува за Шведска, скандинавците жалат што тоа не е случај и со Енис Барди.
Енис ја почна кариерата во младинската школа на Шкупи, а откако не се снајде во академијата на Брондби во Данска, со семејството се преселил во Шведска. Малме и Хелсингборг биле само дел од клубовите каде малиот Енис се обидувал да се наметне и да се избори за место во младинскиот клуб, но бил одбиен.
„Барди е доказ дека со упорност може да се успее во фудбалот. Тој имаше тежок старт, беше одбиен од речиси сите клубови во Шведска, но не се откажа. Трчаше и тренираше како Роки во паркот Пилдам во Малме и беше решен да успее. Еве, сега го има прекарот „Меси од Леванте“ и со Македонија игра на ЕВРО 2020. Штета, бидејќи ако талентот беше препознаен тој сега можеше да го носи дресот на Шведска“, пишуваат медиумите од оваа земја.
Самиот Барди останува скромен како и секогаш, свесен дека до уште поголеми успеси во кариерата може да стигне само со уште поголемо залагање од досега. По шведското разочарување тој конечно доби шанса во Унгарија, каде по одличните игри за Ујпешт си обезбеди трансфер во Леванте.
„Можеби и може да се напише книга за тоа како сум успеал, но не размислувам премногу за тоа. Имам уште многу пред себе во кариерата“, скромно коментира Енис Барди, кој и летово е поврзуван со трансфер во англиската Премиер-лига откако лани Арсенал се интересираше да го доведе во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА